Дела од современата македонска книжевност на Саемот на книга во Франкфурт

Изминатиот период се работеше на превод од македонски на англиски на 11 репрезентативни дела од современата македонска книжевност. Некои од преводите ги изработија самите автори кои се англисти, а останатите врвни преведувачи од македонски на англиски, информираат во Македонската асоцијација на издавачи

Фото: Македонска асоцијација на издавачи

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) оваа година по четврти пат ќе ја претставува современата македонска книжевност на 75. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, што ќе се одржи од 16 до 20 октомври, информираат во асоцијацијата.

„МАИ изминатиот период од неколку месеци работеше на обемен проект – превод од македонски на англиски на 11 репрезентативни дела од современата македонска книжевност. Некои од преводите ги изработија самите автори кои се англисти, а останатите врвни преведувачи од македонски на англиски. Современите дела ќе ги понудиме на широкораспространетиот англиски јазик, со цел што повеќе издавачи од светот да можат да ја прочитаат нивната содржина“, вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.

На саемот ќе има и каталог во кој се претставени 50 автори-претставници на современата македонски книжевност. На штандот ќе бидат претставени и бројните преводи на овие наши автори на големите светски јазици, како англиски, француски, германски, шпански, италијански.

Саемот на книгата во Франкфурт, кој се смета за најголема и најпосетена манифестација од овој тип, оваа година се одржува по 75-ти пат. Земја која оваа година е почесен гостин е Италија. На саемот ќе учествуваат над 4.000 изложувачи од 95 земји во светот. На саемот ќе има над 2.600 настани, 7.000 новинари од 64 земји и претставници на 324 агенции за авторски права. Досега, пред почетокот на саемот, влезници имаат купено 105.000 посетители.