Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес изјави дека идната недела треба да почне враќањето во Македонија на првите пациенти што се лекуваат во странство од повредите во пожарот во импровизираната кочанска дискотека.
Муцунски најави дека прво ќе се вратат оние кое се во добра здравствена состојба.
„Најавите се дека во текот на следната недела ќе почнат да се враќаат првите пациенти. Овие информации ги добиваме преку директна комуникација со местата каде што се сместени и од таму добиваме потврда дека нивната здравствена состојба е доволно добра за да може да се вратат“, изјави министерот Муцунски на денешната прес-конференција.
Според него, вкупно 116 пациенти со повреди во пожарот во Кочани се лекуваат во странски болници во 14 европски земји. Трошоците за нивното лекување се покриени од државите домаќини, додека патувањето и сместувањето на нивните најблиски и трошоците за целата логистика за нивниот престој во странство го презема Македонија.
Муцунски се осврна и на, како што рече, дезинформациите што се изнесуваат околу трошоците и кажа дека истите ги смета за тенденциозни „со оглед дека целото општество доживува шок по трагедијата“ и оти „природна човечка реакција е да сакаш да помогнеш“, па затоа дел од граѓаните правеле иницијативи за да помогнат.
„Тоа покажува дека сме хумани. Но, ние веднаш, уште во првиот момент, кога како држава го сфативме размерот на оваа криза, во понеделникот утрото јас прв најавив дека Владата, државата, ќе им излезе во пресрет на сите овие луѓе. Покривањето на трошоците не дозволува тие луѓе да акумулираат никаков трошок. Однапред ние го резервираме хотелот, ние ги купуваме авионските карти, ги информираме дека за еден мобилен телефон ќе се покријат сметките за роамингот и сите трошоци што ќе ги акумулираат. Граѓаните добиваат, условно кажано, дневница – средства што им се потребни секојдневно за некои тековни трошоци што настануваат“, изјави Муцунски.
Во меѓувреме, министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека следната недела во земјава ќе бидат вратени петмина пациенти и по тријажата што ќе им биде направена ќе се утврди дали ќе бидат задржани во некоја од болниците во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување.
„Од Италија се планира еден испис, од Шпанија се планираат два исписа, од Шведска еден испис и од Австрија два исписи. Ова е планот, но не е дефинитивно, во понеделник ќе ве известиме точно. Подготвуваме протоколи коишто ќе бидат прифатени од Кризниот штаб и објавени транспарентно за да се види како ќе се третираат пациентите. Најпрво ќе ги примиме во болниците, потоа ќе ги пуштиме дома. Според информациите коишто ги добиваме од овие болници, пациентите дури можат да се вратат со комерцијални летови“, рече Таравари.
Таравари нагласи дека шест пациенти се во критична состојба, додека останатите се во релативно добра состојба. Тој додаде дека треба „да бидеме резервирани за тоа дека можат да се случат компликации коишто не се предвидени“.
Од пациентите кои се во критична состојба, министерот за здравство посочи дека двајца се лекуваат во Љубљана и четири пациенти во Воено-медицинската академија во Белград.