Дел од Малешево прогласено за заштитен предел

Фото: Министерство за животна средина

Владата на денешната седница ја усвои Предлог-одлуката за прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V- заштитен предел. Со тоа, територијата на заштитени подрачја во земјава се зголеми на 13,8 отсто.

Подрачјето Малешево е предложено за заштита во категорија V- заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности и природни убавини. Тоа е  третото подрачје кое е заштитено во оваа категорија со површина од 11460.89 хектари, во рамките на кое се предложени и дефинирани три зони, воспоставени заради вршење на дејноста за заштита и унапредување на природата.

Фото: Министерство за животна средина

Со прогласувањето на Малешево за заштитен предел се овозможува контролирано искористување на шумите, развој на локалната економија и туризмот во овој регион. Општините Берово и Пехчево започнаа заеднички проект, со цел да се помогне во брендирање на локалните производи и на развојот на туризмот, но воедно и да се заштити и биолошката разновидност.

Министерот за животна средина Насер Нуредини денеска се заблагодари до Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за разбирањето и поддршката во заштитата на природните вредности и обезбедувањето на одржлив социо-економски развој и на ова подрачје.