Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), политичкиот субјект на Македонците во Албанија, остро реагира на резолуцијата на Европскиот парламент и истакнува дека малцинството што живее во Албанија е македонско и дека тоа е официјално признаено во Мала Преспа, но, не и во регионот на Голо Брдо и Гора.

МАЕИ денеска се огласи со Декларација, во која се истакнува дека Македонците во Албанија не се “Булгари”.

„Во Албанија живее македонско, грчко, српско, црногорско, влашко, ромско, босанско и египетско малцинство. Напорите за признавање на непостоечко бугарско малцинство во Албанија ги сметаме како фалсификат на историјата и на вистината. Во Албанија нема ‘булгарско малцинство’. Tакво малцинство има во главите на ‘булгарските’ официjални лица во Софија кои продолжуваат со антимакедонизмот, како официјална политика за негирање на македонскиот народ“, се вели во Декларацијата.

Од МАЕИ велат дека резолуцијата за напредокот на Албанија во процесите за интеграција во Европската Унија, одобрена од Европскиот парламент, во делот каде се бара признавање на бугарско малцинство во Преспа, Голо Брдо и Гора, ја сметаат како сериозно „кршење на меѓународните закони, Универзалната декларација на човековите права и слободи, геноцид над македонскиот народ и злосторство над човештвото“.

„МАЕИ бара од ‘Булгарија’ да не измислува ‘Булгари’ таму каде што не постојат, туку да го признае македонското малцинство во Бугарија. Бара и од Брисел да не ги злоупотребува Македонците од Албанија како препрека на патот на Албанија во процесот за интеграција во ЕУ“, се наведува во Декларацијата.