Декарбонизацијата тапка во место, многу планови, а малку инвестиции во енергетскиот сектор

Фото: ДИЖС

Амбициозното зелено сценарио на Стратегијата за развој на енергетиката за периодот до 2040 година ја позиционираше С. Македонија како предводник во регионот кога станува збор за декарбонизација и зелен развој во енергетскиот сектор. Сепак, она што го предвидува документот и она го гледаме на терен, особено откако започна енергетската криза, не е многу различно од претходните години. Термоелектраните на лигнит продолжуваат со работа, дури и ТЕЦ Осломеј, за која во Стратегијата во сите три сценарија е предвидено итно затворање.

Енергетската криза со која се соочуваме, како последица на речиси двегодишната пандемија на Ковид 19, ја принуди земјата да го активира и ТЕЦ Неготино, капацитет, кој работи на исклучително загадувачкиот мазут. Причините за ова, граѓанските организации и енергетските експерти, ги гледаат во фактот дека земјава доцни со сите вистински чекори во енергетиката.

Напорите за пренасочување кон новите обновливи извори на енергија, сметаат во Центарот за за истражување и информирање за животната средина „Еко Свест“, како што се сонцето и ветерот, се ограничени со бариери како фаворизирањето на малите хидроелектрани во системот за поддршка на обновливите извори на енергија и со комплицирани административни процедури за поставување на фотоволтаични панели на крововите на домаќинствата.

Дополнително, можностите за енергетски задруги создадени од граѓаните и покрај тоа што не се забранети со законот, не се ни доволно уредени за да почнат да функционираат. Во овие услови, сметаат екологистите, доаѓањето на енергетската криза само ја зајакнува зависноста од јаглен која веројатно не би била толку голем проблем доколку инвестициите во секторот во изминативе 30-тина години биле правени во согласност со стратешките планови.

„Фосилните горива не се и не можат да бидат опција. Немаме резерви, а не можеме ниту да се потпреме на увоз, што тековната ситуација дополнително го потврдува. Доколку имавме други опции за производство, кои ќе ни овозможеа користење на обновливите извори на енергија, несомнено ќе беше поисплатливо да се користат тие во оваа ситуација, наместо да мора да се увезува јаглен за користење во термоелектраните“, вели Невена Смилевска од „Еко свест“.

Согледувајќи ја актуелната ситуација, фосилните горива, се чини дека и во наредните десет години ќе бидат нашиот примарен ресурс за производство на електрична енергија, сметаат од Центарот за климатски промени.

Енергетската криза, нагласуваат, треба да биде поттик за донесувачите на одлуки да почнат сериозно да планираат инвестиции во секторот енергетика, вклучително и инвестиции во снабдувањето со топлина, со оглед дека голем од домаќинствата користат електрична енергија за затоплување. Имајќи предвид дека нашето производство традиционално е базирано на лигнит, државата во изминатите години не стори речиси ништо на полето на изградба на нови капацитети не само од областа на обновливите извори, туку не го искористи ниту природниот гас како преодно гориво кон декарбонизацијата на долг рок.

„Доколку вложувавме во обновливи извори ударот во снабдувањето со енергија ќе беше помал. Државата, освен инвестиции во ветерна енергија со скромен инсталиран капацитет, досега нема направено други инвестиции. Ние немаме соларни електрани во државна сопственост, односно сите се приватни инвестиции за кои државата дополнително обезбедува финансиски средства, субвенции, а кои не допринесуваат во стабилното снабдување во енергија. Неопходно е државата да започне со свои инвестици во обновливи извори на енергија, односно ветерни паркови, фотоволтаични централи, системи за складирање на енергија и слично, за да може во прифатлив на сигурен и безбеден начин рок да ја реализира енергетската транзиција“, вели Бојана Станојевска- Пецуровска.

Зеленото сценарио е стратегиска определба која треба да ја постигнеме, а патот кон тоа ќе биде тежок и секако со бројни препреки. Експертите од оваа организација сметаат дека се покажува како преамбициозно и дека занемарува еден важен столб на одржливоста на енергетскиот систем, енергетската сигурност.

„Зеленото сценарио треба да го постигнеме во наредните 20 години, а енергетската криза е само мала епизода која ќе ја надминеме и ќе заврши. Прашањето е што ќе прави државата кога повторно ќе се вратиме во нормалната состојба и дали кризата ќе биде „зелен сигнал“ за посериозни вложување во енергетскиот систем на долг рок“, посочува Станојевска- Пецуровска.

Итна имплементација на сите предвидени мерки наместо да се одложуваат во недоглед, е единственот начин да се постигнат целите од зеленото сценарио, сметаат од „Еко свест“. Тоа значи дека треба итно да се направат соодветни планови за праведна транзиција на регионите каде има термоелектрани на јаглен, Кичевскиот, Битолскиот и Неготинскиот регион и да се испланираат други начини за нивен развој кои нема да зависат од енергетскиот сектор за да може електраните да се затворат согласно динамиката планирана со стратегијата.

Според Смилевска смее да се инсистира по секоја цена на гасификација на домаќинствата, бидејќи со тој чекор стануваме долгорочно зависни од фосилно гориво како што е гасот, чија што висока цена е главниот двигател на моменталната енергетска криза во Европа. Наместо тоа треба максимално да се искористи веќе деградирано земјиште, како стари рудници и депонии, за изградба на големи фотоволтаични централи.

„Треба да се поедностават процедурите за поставување на фотоволтаични панели на крововите на домаќинствата и да се отстрани поставената граница за моќност, како и да се овозможи домаќинствата да го продаваат вишокот на произведена енергија, наместо да го предаваат во системот. Ако не се спроведуваат сите тие планови, ќе останеме тука каде што сме сега – зависни од јаглен, што е исто како да немаме план“, вели Смилевска.