Фото: twitter.com/AmbassadorEU

Европскиот амбасадор во С. Македонија, Дејвид Гир денеска преку својот Твитер профил изрази поддршка и побара навремено да се истражи говорот на омраза и хајката која деновиве се води онлајн против вработените во Фондацијата „Метаморфозис“.

„Само што разговарав со Метаморфозис по кампањата за оцрнување што се води против нив. Не треба да има место за поттикнување омраза или ширење лажни обвинувања во медиумите. Заканите против вработените во Фондација Метаморфозис треба навремено да се истражат“, напиша Гир на својот Твитер профил.

Инаку пред четири дена, ноќта кога голем дел од граѓаните во земјата ја прославуваа победата на македонската фудбалска репрезентација и пласманот на европското првенство во фудбал, околу полноќ на веб-сајтот www.lider.com.mk беше објавен текст со наслов „(ФОТО) Ова се луѓето кои бришат содржини од Facebook во Македонија!“ во кој се наведени повеќе невистинити и клеветнички тврдења. Меѓу другото во спорниот текст е објавен колаж од фотографии од дел од вработените во Фондацијата „Метаморфозис“, а во насловот пишува дека тоа се луѓето што бришеле содржини од социјалната мрежа „Фејсбук“. Подолу во текстот се наведени имињата и презимињата на скоро сите вработени.

Овој текст во текот на ноќта на 12 ноември, но и во деновите што следеа беше преземен, или до него беа објавени линкови на повеќе портали, вклучувајќи ги kurir.mk, netpress.com.mk, bregalnicki.mk, times.com.mk и dokazm.mk. Текстот, фотографиите од вработените во фондацијата, како и нивните имиња беа директно споделени на социјалните мрежи повеќе од 40 пати. Текстот беше споделен и од страна на официјални Фејсбук страници на две политички партии. Коментарите на овие споделувања изобилуваат со говор на омраза и повици за јавен линч на вработените.

Покрај стотиците коментари со говор на омраза, некои корисници на социјалните мрежи повикаа вработените во Метаморфозис „да висат на бандера“, да им се однесат погребни венци, да заболат од ковид-19, да бидат живи одрани, да бидат јавно плукани и слично.

Иако Метаморфозис објави демант на злонамерните и клеветнички инсинуации кои претставуваат и притисок врз слободата на говор, тој не беше објавен од страна на медиумот кој ја покрена хајката, ниту од скоро сите останати медиуми кои ја пренесоа содржината. Демантот го објави единствено порталот bregalnicki.mk.

Новинарските здруженија, СЕММ, ЗНМ, ССНМ и МИМ уште минатата недела го осудија говорот на омраза против тимот на невладината организација „Метаморфозис“ и го повикаа Министерството за внатрешни работи (МВР) да спроведе итна истрага преку која ќе се утврди идентитетот на лицата кои го поттикнуваа говорот на омраза преку коментари на социјалните мрежи, а потоа Основното јавно обвинителство (ОЈО) да покрене и случај преку кој тие ќе бидат санкционирани во согласност со Кривичниот закон.

Во текот на викендот, ЗНМ, СЕММ и ССНМ уште еднаш го повторија повикот до МВР и ОЈО да реагираат против говорот на омраза, што во последниот период е во подем, не само против Фондацијата Метаморфозис, туку и против други угледни новинари од земјата.