Владата на одржаната 92-ра седница донесе одлука на нашиот претставник на Олимписките игри во Токио кој се закити со сребрен медал во дисциплината теквондо Дејан Георгиевски да му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000 денари, а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени 600.000 денари, информираат од владината прес-служба.
Освојувачот на сребрениот медал во теквондо на ЛОИ Токио 2020 ќе биде награден и со дополнителни 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.
Дејан Георгиевски вчера го освои сребрениот медал во теквондо во категоријата до 80 килограми на Олимписките игри во Токио, што претставува прв олимписки медал за Македонија по 21 година.
Тој во финалето изгуби со 15:9 од Русинот Владислав Ларин, а претходно Георгиевски ги совлада актуелниот светски првак Рафаел Јуниер Алба Кастилјо од Куба и репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане, како и Кјо Дон Ин од Јужна Кореја.