Дејан Георгиевски дочекан во Скопје како херој: Голем број граѓани се собраа да прослават

Фото: Фејсбук профил на Агенција за млади и спорт

Македонскиот освојувач на сребрен медал во теквондо на Летните олимписки игри во Токио вчера вечер беше дочекан од многубројни граѓани во главниот град. Пред неколку илјади граѓани, Дејан Георгиевски вети дека на наредните олимписки игри во Париз ќе освои златен медал и ќе ја израдува повторно нашата земја.

На прославата во Скопје, на бината до Георгиевски застанаа и неговиот брат и сестра, кои исто така активно се натпреваруваат, со освоени награди зад себе.

Првите награди од Владата на РСМ, Агенцијата за млади и спорт и Град Скопје веќе пристигнаа за спортскиот успех што го постигна Дејан во Токио.

Сребрениот медал на Дејан Георгиевски претставува прв олимписки медал за Македонија по 21 година. Новиот спортски херој се запиша во историјата на македонскиот спорт како втор спортист, кој во годините на самостојноста на земјава освојува медал на Олимписките игри, и тоа по Могамед Ибрагимов кој стигна до бронза во Сиднеј во 2000 година во борење.