Дефектот на топлификациската дистрибутивна мрежа заради кој утрово цело Скопје остана без парно се случил во Општината Центар, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен. Како што информираат од ЕСМ Снабдување со топлина, проблемот е лоциран и ќе се работи на негово отстранување. Во меѓувреме, без парно ќе останат само жителите на оваа општина кои се снабдуваат преку тој вод, додека снабдувањето со топлина во остатокот од градот ќе се нормализира во текот на денот.
„Поради зголемени загуби на вода во топлификациската дистрибутивна мрежа дел од потрошувачите на ЕСМ Снабдување со топлина почувствуваа намален квалитет во испораката на топлинска енергија. Екипите на Дистрибуција на топлина излегоа на терен, го лоцираа проблемот и го локализираа дефектот. Станува збор за магистрален вод А во Општина Центар што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен“, се вели во соопштението на ЕСМ- Снабдување со топлина.
Инаку, утрово целиот град остана со ладни радијатори, а според првичното соопштение на компанијата, се работело за зголемени загуби на вода во некој дел од топлификациската дистрибутивна мрежа. Од таму објаснуваат дека за да се открие точната локација на дефектот било неопходно да се намали снабдувањето за целиот град, а сега кога проблемот е локализиран, остатокот од Скопје ќе добие парно. Од компанијата посочуваат дека дефектот е последица на негрижата и неодржувањето на дистрибутивната мрежа во минатото, но и уверуваат дека работат на надминување на проблемот. Тие ги упатуваат потрошувачите за дополнителни информации да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075400100.