Македонија Дефект на водоводна цевка остави дел од Скопје без вода повеќе од...

Дефект на водоводна цевка остави дел од Скопје без вода повеќе од 12 часа

Од синоќа е прекинато водоснабдувањето во населбите Водно, Црниче, Пржино и Козле (висока зона)

Фото: Мета.мк

Повеќе од дванаесет часа граѓаните во скопските населби Водно, Црниче, Пржино и Козле (висока зона) се оставени без водоснабдување, по дефект на потисна цевка што ја снабдува пумпната станица Водно.

Од јавното претпријатие Водовод и канализација Скопје синоќа соопштија дека дефектот настанал во 22:30 часот на улицата Тодор Александров, поради што е прекинато водоснабдувањето во посочените населби.

Екипите на Водовод и канализација работат на санирање на проблемот, а од таму информираат дека се очекува дефектот да биде целосно отстранет денеска во периодот помеѓу 12 и 13 часот.