Шеесетгодишниот Љ.С. од селото Каласлари, Велешко пукал во поранешниот министер и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму информираат дека осомничениот истрелал два куршуми од пиштол кон Тодоров. Во инцидентот, според МВР, нема повредени. Напаѓачот е веднаш уапсен и однесен во полициска станица, каде во тек е истрагата за случајот.

Дел од медиумите, повикувајќи се на првични и неофицијални информации од истрагата, објавија дека 60-годишниот Љ.С. е дедо на деветгодишната Тамара Димовска, која имаше искривување на ’рбетот и почина во февруари 2015 година, чекајќи од Фондот за здравствено осигурување средства за операција во странство.

Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, во изјава за „Нова ТВ“ потврди дека лицето што стрелало во поранешниот министер Никола Тодоров е нејзиниот татко. Таа вели дека е во шок и дека за нападот пред Министерството за здравство дознала од медиумите.

„Ништо не наговестуваше дека планирал такво нешто. Не знам од каде нашол пиштол. Револт во семејството постои, но никој не помислил на вакво нешто, не очекував дека ќе се случи ова. Убиството не е решение. Ова е шок за мене, го осудувам насилство иако ми е татко. Цел живот се борев за правда и еве што се случи“, изјавила Димовска.

Неофицијално, напаѓачот пукал во Тодоров додека тој влегувал во зградата на Министерството за здравство, каде во 12.30 часот денеска требаше да се биде извршено примопредавање на функцијата помеѓу Тодоров и новиот министер за здравство, Арбен Таравари.