За да нема прекин на воспитно образовниот процес на учениците кои имаат посериозни здравствени предизвици и се на болничко лекување повеќе од три недели, Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство и Здружението САНО кое им помага на децата заболени од канцер или други малигни и хронични болести, од септември воведува формално образование во здравствените установи.
Зависно од здравствената состојба, децата ќе можат да се вклучат онлајн на наставата во својот клас, да се организира индивидуална настава или пак, преку асинхрона комуникација да добиваат материјали и да ги решаваат домашните задачи.
„Децата со сериозни здравствени предизвици, најчесто се соочуваат и со дополнителни, образовни предизвици. За жал, на Детската клиника секогаш има дечиња кои се наоѓаат на подолготрајно лекување поради што не можат да ја следат редовната настава. Но, за ова постои решение и новата Влада со поддршка од граѓанскиот сектор, го дефинираше и го уреди системски и отсега повеќе нема да биде како во минатото кога всушност и постоеше една неправда, па би рекла и дискриминација кон децата со сериозни здравствени предизвици“, рече министерката Весна Јаневска, која заедно со Марија Вук од Здружението САНО и министерот Азир Алиу ја посетија денеска Клиниката за детски болести.
Како што е најавено, секое дете на школска возраст кое е сместено на Клиниката за детски болести повеќе од три недели, додека трае учебната година ќе може онлајн да се вклучи во наставата во неговиот клас или пак, наставникот ќе организира индивидуална настава во зависност од здравствената состојба на ученикот и тоа по наставна програма прилагодена на неговата состојба.
Ќе се користат истите дигитални алатки кои ги користат и останатите ученици, ЕДУИНО и платформата за дигитални интерактивни учебници.
Училиштата да им доделат на децата електронски уреди
Како што појаснуваат во МОН, училиштето во кое е запишан ученикот, може да му додели електронски уред, од фондот на таблет компјутери кои МОН ги има обезбедено и доставено до училиштата.
Ако училиштето има доволен кадровски потенцијал, наставникот може и да го посетува ученикот во здравствената установа и таму да ја реализира наставата, но тоа повторно зависи од состојбата и можностите на ученикот.
Министерот за здравство Алиу рече дека оваа иницијатива е чекор кон целосна инклузија на болните деца и нивно побрзо враќање во училишните клупи.
„За нас, најважна е целосната грижа за децата – не само нивното оздравување, туку и нивниот образовен и психосоцијален развој“, рече Алиу.
За директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, односно полесно поминување на долготрајниот пат на лекување.
Марија Вук, претседателка на САНО, кажа дека граѓанското здружение започнува јавна кампања за подигнување на свеста за образованието на децата на подолготрајно лекување.
