„Децата најмногу ја разбираат екологијата преку уметноста“ – посета на изложбата „Розеви тигри, златни гуштери и што уште не“

Фото: Europe House

„Преку уметноста децата го изразуваат тоа што го чувствуваат и тоа што го размислуваат. Темата е многу значајна. Децата најмногу ја разбираат екологијата преку уметноста. Кога треба да нацртаат колку е загадена околината, тие користат темни бои, меѓутоа, кога треба да цртаат чиста природа, тие уживаат во плејада убави бои. Децата од мали нозе можат да научат како треба да се чува природата. Понекогаш ги упатуваат своите родители како треба да постапат. Задоволени се нивната љубопитност и желбата за изразување“, истакна воспитувачката Елида Хасиќ при денешната посета на децата од градинката „11 Октомври“ од скопската населба Бутел на изложбата „Розеви тигри, златни гуштери и уште што не“ во резиденцијата на Европската Унија.

Денеска резиденцијата беше исполнета со детски џагор од 15 дечиња, кои заедно со нивните воспитувачки Елида Хасиќ и Гзиме Кадриу беа пречекани од страна на евроамбасадорот Дејвид Гир и Пол Бускот.

Со посетата децата имаа можност да научат повеќе за природата, за тоа како треба да ја чуваме нашата животна околина, беа и креативни и на работилницата предводена од уметниците Доротеј Нешовски и Ана Трајковска. Тие создадоа свои уметнички дела – печати од листови. Со Мила Јовановска од здружението „Go Green“ зборуваа за рециклирањето на хартијата, како се добива таа, колку е важно да користиме велосипед, а да се возиме помалку со автомобил. Низ „официјалниот“ дел на изложбата децата ги водеше Бојан Георгиевски од галеријата „Акантус“.

На крајот децата направија отпечатоци од рачињата што ќе останат на ѕидот во резиденцијата во знак на спомен од посетата.

Изложбата „Розеви тигри, златни гуштери и што уште не“ изработена од страна на галеријата „Акантус“ беше поставена на 10 март годинава и истата го назначи почетокот на интерактивните дебати што Делегацијата на ЕУ ги организираше во изминативе два месеца, а активностите продолжуваат и во месец јуни. Темата на изложбата е инспирирана од Европскиот зелен договор, во чие светло се одвиваат и предвидените работилници.

Отворена изложбата „Розeви тигри и златни гуштери и сѐ друго“ – дел од кампањата за Европскиот зелен договор