Во организација на Македонија2025 и под покровителство на претседателката Гордана
Сиљановска-Давкова започна Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност 2026, на кој учествуваат 23 деца на возраст од 11 до 15 години. Од нив, 13 учесници се од македонската дијаспора – од САД, Германија, Малта, Србија и Обединетите Арапски Емирати, додека 10 учесници се од Македонија, од повеќе градови низ државата. Дел од учесниците се деца од социјално ранливи семејства, за кои се обезбедени целосни стипендии.
„Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност има за цел преку интензивна еднонеделна програма да ги поттикне младите да ги развиваат своите знаења и практични вештини во областа на роботиката, програмирањето, кодирањето и иновациите. Покрај техничките знаења, Кампот има и силна мисија за поврзување на младите од дијаспората со нивните македонски корени, култура и традиција, како и за создавање трајни пријателства меѓу младите од Македонија и светот“, велат од Македонија2025 .
Програмата вклучува интерактивни СТЕМ работилници, развој на роботски решенија и тимски проекти, работилници за дизајн размислување, посета на Костал Македонија, културни активности и креативни работилници, спортски содржини и запознавање со богатото културно наследство на Охрид. Посебен акцент е ставен на практичното учење, критичкото размислување, тимската работа и развојот на лидерски вештини.
На 10 јули ќе се одржи свечената церемонија на доделување сертификати, на која учесниците ќе ги презентираат своите проекти, а сертификатите лично ќе им ги врачи претседателката Сиљановска-Давкова.

Ознаки: деца, камп, македонија2025