Започнува реализација на проектот „Нови можности за безбедни зимски авантури“, кој во рамките на Програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија ќе се финансира со средства од Европската унија.

Носител на проектот е Црвениот Крст на Македонија, Општинска организација Охрид, а партнери се општина Дебрца и Алпинистичкиот клуб „Патагонија” од Охрид од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна. Градот Грамш, регион Елбасан, Албанија, брои околу 9.000 жители и е центар на истоимената општина, со околу 36.000 жители. За таа цел се оствари средба помеѓу градоначалниците на двете општини.

„На средбата со мојот домаќин го искажав моето задоволство што ќе можеме да соработуваме како две општини, кои имаат одлични предуслови за развој на планинскиот, зимскиот и авантуристичкиот туризам. Изразив надеж дека денешната средба е почеток на успешна соработка меѓу двете општини, не само на имплементацијата на конкретниот проект, туку и на други идни проекти од заеднички интерес,“ истакна градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Проектните активности носат бенефит за сите партнери, а во Дебрца во рамките на проектот ќе се изврши реконструкција на старата училишна зграда во село Брежани и нејзина адаптација во Планинарски дом, опремен со 25 легла, за што се планирани 85.000 евра, поставување на пропусти за зафаќање на атмосферските води на патот село Брежани-Илинска Планина, набавка на возило, со потребната опрема за спасување во планина, обуки а ќе се реализираат и други активности.