Од почетокот на пандемијата, се објавени десетици студии во кои е потврдено дека голем процент од најтешко болните пациенти од ковид-19, се луѓе со прекумерна телесна тежина. Во последниве недели, врската меѓу вирусот и дебелината им е во фокусот на истражувачите во светот, бидејќи сега веќе е докажано дека луѓето кои имаат само прекумерна тежина, се изложени на поголем ризик.

Зошто дебелината е сериозен ризик фактор, нешто на што укажа неодамна и директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ?

Д-р Игор Спировски од Институтот за јавно здравје појаснува дека луѓето кои имаат вредност од над 30 на индексот на телесна маса (body mass index), кој се пресметува како број на килограми поделено со висината на квадрат (кг/м2), многу потешко ги поднесуваат проблемите со дишењето и не им оди доволно кислород во мозокот.

„Исто така ако дојде до тешка ситуација, тие физиолошки имаат слип апнеи, не можат да дишат, со што им се намалува количината на кислород во ткивата. Многу е потешко справувањето со тие пациенти, тие сами се борат со можноста да земат воздух, а и на болничарите им е тешко да ги дигнат и постават во положба за да имаат најдобар проток во дишните патишта“, вели д-р Спировски.

Meѓународен тим истражувачи, во истражувањето објавено во списанието „Obesity reviews“, откриле дека ковид пациентите со прекумерна тежина имаат дури 113 проценти поголеми шанси да завршат во болница одошто оние со здрава тежина. А, ризикот од смрт од ковид-19 кај лицата со прекумерна тежина е за 48 отсто повисок отколку кај оние со здрава тежина.

„Дебелината катастрофално влијае кај помладите луѓе. Таа може да е причина за разорното влијание на ковид-19 во САД, каде што 40 отсто од возрасните лица имаат прекумерна тежина“, вели за списанието Sciencemag, Ана Диксон, докторка која ја проучува дебелината и белодробните заболувања на Универзитетот во Вермонт.

Луѓето со прекумерна телесна тежина е многу поверојатно да имаат болести кои се посебни ризик фактори за ковид-19, како на пример, болести на срцето, белите дробови и дијабетес. Тие исто така се склони на метаболичкиот синдром, при што нивото на шеќер во крвта, нивото на маснотии или обете се нездрави, а крвниот притисок може да биде висок.

Една неодамнешна студија на „Тулејн“ Универзитетот во Њу Орлеанс, во која се анализирале 287 хоспитализирани пациенти со ковид-19, открила дека самиот метаболен синдром значително ги зголемува ризиците од прием на интензивна нега, вентилација и смрт.

Неодамна и директорката на скопската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Милена Стевановиќ, кажа дека во однос на ковид-19, сериозно висок ризик е дебелината.

„Ние сме таква нација, имаме вишок килограми, но луѓето кои се со поголем вишок, се поризични. Сметам дека тоа не беше сфатено сериозно“, предупреди Стевановиќ.