На моменти со висок тон и со крајно спротиставени ставови помина денешната дебата насловена „Каков јавен сервис ѝ е потребен на Република Македонија“, организирана од ЗНМ.

За членовите на ЗНМ, МТВ е непрофесионален јавен сервис кој не е во интерес на граѓаните, додека за уредниците на МТВ, тие се објективни и професионални. Сепак, на крајот, новинарите се договорија следната дебата да ја организираат во Македонската радио-телевизија.

Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, јавниот сервис треба да биде столб на информирањето.

– ЗНМ ќе се спротивстави на секоја одлука за политичка инволвираност во јавниот сервис. Соопштението на обвинителството за прислушуваните разговори е апсурдно. Ги охрабруваме колегите да ги почитуваат професионалните стандарди – рече Селмани.

За главниот и одговорен уредник на МТВ1, Димитар Ратајковски, јавниот сервис не е само информативната програма.

– Многу е лесно да се критикува, а да се нема образ за тоа. Последните три години, не само што успеавме да излеземе на површина, туку и да го заземеме и водечкото место во медиумскиот простор. Јавниот сервис мора да ги штити државните интереси затоа што е формиран од државата. Нас не нè интересира рејтингот затоа што ние освен што информираме, едуцираме и забавуваме – рече Ратајковски.

Директорот на Агенцијата за аудио и визуелни медиуми, Зоран Трајчевски, рече дека МТВ известува за сите случувања во државата, но не известува за преслушуваните разговори затоа што тоа е противзаконски. Тој истакна дека очекувал реакција од ЗНМ по забраната на една емисија во телевизија „Алсат-М“. Исто така, Трајчевски смета дека протестите пред МТВ се сериозен притисок врз медиумот.

Новинарот Сашо Ордановски побара уредниците во МТВ веднаш да си поднесат оставка.

– Ние имаме екипа која е на страната на Латас. Во моментов, тие кршат неколку члена од Законот за јавен сервис. Скандалозни ми се моралните пазари на Горан Петревски, кој кога му гостуваше Латас, со огромно внимание го гледаше – изјави Ордановски.

Веднаш му реплицираше Горан Петрески, главен уреденик на информативната програма на МТВ, кој рече дека тој бил само новинар, а Ордановски секогаш сакал да се дружи со политичари.

– Збунет сум и затекнат зошто ЗНМ не реагира на линчот што се врши врз мене со месеци. Не сакав да одговорам на навредите затоа што сум добро воспитан. Не ми е гајле за бродот што тоне затоа што јас сум бил новинар секогаш и немам ниту еден пријател политичар – заклучи Петревски.