fbpx

ДЕБАТА: За спречување на корупцијата, потребни се сериозни активности, а не декларативни изјави

-

Декларативните изјави за значењето и спроведувањето на фундаменталните права, не значат ништо без конкретни и сериозни активности во спречувањето на корупцијата, во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни: институциите, парламентот, граѓанските здруженија, академската средина и сите интересни групи.

Ова беше заеднички заклучок на денешната дебата на тема „Што стои на патот во спроведувањето на антикорупциското законодавство?“, во рамките на 9. сесија на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија (НКЕУ-МК), на работната група 4–Правда, слобода и безбедност, во организација на Европското движење.

„Не е доволно само да се лоцира проблемот, туку треба да се дојде до нови одговори за старите прашања за корупцијата“, изјави националната координаторка на НКЕУ-МК и професорка на Филозофскиот факултет при УКИМ, Милева Ѓуровска.

Во дебатата беа вклучени претставници на здруженија и асоцијации, на синдикатите, универзитетски професори, како и експерти од Словачка.

Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика од Братислава, Томаш Стражај, рече дека дури и во Словачка, која е членка на ЕУ веќе 17 години, сé уште трае борбата против корупцијата и враќање на довербата на јавноста.

„Процесот на борба против корупцијата е многу важен и не смее да заврши ниту со добивање датум, па дури ни со целосно членство во ЕУ“, изјави тој.

Зузана Петкова, управен директор на непрофитната организација „Стоп Корупција“ од Братислава, посочувајќи конкретни случаи и рече дека дел од најважните алатки во нејзината држава се поттик на свиркачите, односно, доушниците или т.н. шепкачи, контрола на јавните набавки, поддршка на истражувачкото новинарство и подигање на јавната свест преку разни кампањи.

Државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска, констатира дека корупцијата е присутна во сите сфери на општественото живеење и дека борбата против неа е првиот стратешки приоритет, но за реални резултати, таа треба да биде сеопфатна, на сите сегменти.

„Не може да се чисти само еден дел од општеството, туку е потребна соработка на сите ресорни министерства, од детектирање, преку градење интегритет, до подигнување на свеста“, рече Несторовска.

Дипломатот Андреј Лепавцов укажа дека корупцијата ги ослабува институциите и претставува проблем за безбедноста на државата, додека професорот од Факултетот за безбедност УКЛО од Битола, Трпе Стојановски, ги посочи разликите меѓу тоа каква треба и каква е состојбата.

„Иако изминатите две – три децении се правеа клучни реформи и тезите на секоја власт се, целосна посветеност на прашањето за антикорупција и негово поставување на рамниште на приоритет, ние сé уште имаме сериозен проблем со корупцијата“, изјави Стојановски, кој рече и дека причини за тоа има повеќе, како што се амнестии, одлив на мозоци, па и пандемијата.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска вели дека состојбата со корупцијата е многу сериозна.

„Една од клучните точки е недостиг на транспарентност што треба да овозможи подетално информирање на граѓаните за постапките при назначување на кандидатите за јавни функции, за јавни набавки и други информации за кои јавноста има право да добие информации“, изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Како најподложни сектори на корупција, таа ги посочи урбанизмот и општините, менувањето на систематизациите за вработувања со непотизам и партиска припадност, изборите и разрешувањата на директори на ЈП.

Се очекува препораките од домашните и од странските членови на работните групи за ефикасно справување со корупцијата, преку вклучување на пошироката јавност, да бидат корисни за напредокот во Поглавјето 24 од пристапните преговори за членство во ЕУ.

Проектот Национална конвенција за ЕУ во Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати, за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори. Проектот е финансиран од УСАИД и Словачката агенција за развој.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...