Дебата за млади „Мрачната страна на социјалните медиуми“ на 5 април во „Јавна соба“

Говорници на настанот ќе бидат познатата креаторка на содржини и активистка од Црна Гора, Андријана Вешовиќ – Зомбијана, психологот Бојана Стојменовиќ и комуникологот и специјалист за социјални медиуми Бојан Кордалов

Следната среда, на 5 април, во „Јавна соба“ во Скопје ќе се одржи дебатата за млади „Мрачната страна на социјалните медиуми – коегзистирање со доброто и злото“, во организација на Фондацијата Метаморфозис.

Главна тема на настанот ќе бидат социјалните мрежи, со фокус на нивната „темна страна“ и негативните ефекти што ги имаат врз корисниците на Интернет – друштвена изолација, сајбер насилство, нарушено ментално здравје или пак тестирање на штетни трендови.

Говорници на настанот ќе бидат познатата креаторка на содржини и активистка од Црна Гора, Андријана Вешовиќ – Зомбијана, психологот Бојана Стојменовиќ – основач на советувалиштето „Мој Психолог“ и комуникологот и специјалист за социјални медиуми Бојан Кордалов.

Говорниците, како познавачи на состојбите на социјалните медиуми ќе зборуваат и за предностите од креирањето и следењето содржини онлајн, но ќе дадат и свои видувања за ризиците и опасностите присутни на социјалните мрежи. Панелистите ќе се обидат да дадат одговор и на главното прашање – каде да ставиме граница и како можеме да коегзистираме со предностите и предизвиците на овие платформи?

Настанот е отворен тип и ќе започне во 18 часот. Сите млади заинтересирани за присуство на дебатата треба да го пополнат формуларот за регистрација. Дискусијата ќе се пренесува во живо и онлајн, на Фејсбук страницата на Фондација Метаморфозис.

Со дебатата „Мрачната страна на социјалните медиуми – коегзистирање со доброто и злото“ всушност ќе биде затворена меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“, организирана во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“, спроведен од Фондацијата Метаморфозис со финансиска поддршка на Европската Унија.