Дебата за климатски промени: Да не заборавиме на животната средина поради дневнополитичките настани

Фото: Делегација на Европската Унија во Скопје

„Ако пред 20 години било проблем да зборуваме за климатски промени, денес дебатираме на оваа тема. Мора да се надеваме дека свесноста ќе влијае да спречиме поголема еколошка деградација“, нагласи модераторката Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“ на втората по ред екодебата на тема климатски промени што се одржува во рамките на изложбата „Розeви тигри и златни гуштери и што уште не“ во резиденцијата на Европската Унија во Скопје.

„Европскиот зелен договор: повеќе од климатски промени“ беше темата на втората од дебатите што во наредните три месеци ќе ги реализира Делегацијата на ЕУ во соработка со галеријата „Акантус“. Климатските промени и што по нив – беше во фокусот на разговорите, овој пат инспирирани од делото „Beyond: Reptiles 2021“ на реномираниот уметник Велимир Жерновски, еден од шестемина автори вклучени во поставката што ќе биде отворена во резиденцијата до 20 мај.

На дебатата присуствуваа студенти од државни и приватни факултети во земјава, Ана Чоловиќ-Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје, Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени, Гент Салихи, млад европски амбасадор од иницијативата на ЕУ, а домаќини беа ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир и Пол Бускот.

„Климатските промени како тема досега не биле застапени во образовниот систем и  тапкањето в место за ова прашање е поради тоа што нема политичка волја“, посочи Азис Сулејмани од Тетово, студент на Правниот факултет во Скопје. На тоа се надоврза Анкица Соколиќ, студентка на Машинскиот факултет во Скопје која рече дека предметите на факултетите не се ажурирани со години.

Претставниците на институциите и на невладиниот сектор отворија конструктивна дебата за состојбите на локално и на централно ниво во земјава, што прават граѓанските организации, какви се обврските кон меѓународната заедница и конвенциите што нашата земја ги има ратификувано.

„Неопходна ни е инфраструктура – административна поделеност, делегирана должност, ангажирање писмен кадар на национално и на локално ниво. И најважно од сè, државата да реши дека Зелената агенда ѝ е приоритет за да се креираат мудри политики базирани на наука. Да не си замислуваме желби што ќе ги ставаме само на хартија и таму ќе останат, туку реално да се оцени ситуацијата и да се креираат политики што ќе бидат одржливи. Свесни сме за слабостите“, оцени Теодора Грнчаровска, државен советник во МЖСПП.

Евроамбасадорот Гир ги поздрави присутните и рече дека дневнополитичките настани во светот се важни, но не треба да нè дефокусираат од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото – климатските промени, деградацијата на животната средина и колапсот на биодиверзитетот.

„Затоа, користејќи го медиумот на уметноста, да зборуваме за различните аспекти што се однесуваат на сиве овие предизвици“, порача Гир.

На екодебатата беше презентиран и планот на „Еко-свест“, Македонската академија на науките и уметностите и The Nature Conservancy кои веќе работат на изработка на ГИФ-карти што ќе ги покажуваат најпогодните места за поставување фотоволтаици и ветерници. Следниот чекор е изработка на ГИФ-карти за неплодни земјишта и ваквата иницијатива беше опишана како одлична од страна на Грнчаровска.

Едниот од домаќините на дебатата, Пол Бускот ги воведе присутните во изложбата и поединечно ги претстави делата на Жерновски, Маја Кировска, Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ (заеднички проект), Ненад Тонкин и Озбек Ајваз. Акцентот беше ставен на инсталацијата на Жерновски – 3Д-принт изработен од акрил и златни ливчиња. Инсталацијата има иконографски пристап и секвенционира надреалистични претстави на гуштери од видот леопард геко. Претставите на гуштерите се продукт на реупотреба на материјали од пластичен отпад и од пченкарни лисја. Аранжирани на црна заднина, кружно, ја претставуваат математичката бесконечност.

Кураторот на изложбата, Дијана Томиќ – Радевска појасни дека сите застапени уметници на изложбата подолго време во своето творештво третираат прашања поврзани со планетата, здравата животна средина, климатските промени. Актуелните дела се резултат на нивните претходни уметнички истражувања.

„Гуштерите и нивната способност да се регенерираат се тајна која научниците допрва ќе ја откриваат. Изложбата е апел да се замислиме што сме направиле, кои сме ние, супериорниот вид на Земјата, и како ги заборавивме законите на природата? Ние ја гориме библиотеката на животот“, истакна Томиќ-Радевска.

„Розеви тигри и златни гуштери и што уште не“ во фокусот го става спречувањето на колапсот на биодиверзитетот, што е меѓу основните цели на Европскиот зелен договор кој има јасна цел – климатски неутрална и поотпорна Европа до 2050 година.