Кои се предизвиците во високото образование поврзани со користењето на ВИ алатки, потребата од воспоставување баланс помеѓу иновацијата и академскиот интегритет, како и важноста од меѓусекторска соработка во креирањето на политиките за вештачка интелигенција. Ова се темите кои беа дискутирани во рамки на настанот „Етичка употреба на вештачката интелигенција: Кој ја има контролата – луѓето или алгоритмите?“.
Настанот се одржа во организација на германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“ (ФНФ), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Националното студентско тело (НСТ). На панел дискусијата на тема „Етиката на ВИ во високото образование: Навигација низ предизвици и можности“ на која говорници беа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, претседавачот на Националното студентско тело, Александар Николовски, професорот на Филозофски факултет при УКИМ, д-р Боби Бадаревски и м-р Јована Добрева од ФИНКИ, а модератор беше Александар Ристевски од Националното студентско тело.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски посочи дека МДТ развива механизми и политики за заштита на информациите поврзани со ВИ системите, со посебен акцент на безбедноста и приватноста на граѓаните.
„Во време кога светот зборува за деструктивни технологии и вештачка интелигенција, големо задоволство е да видиме дека младите разгледуваат конкретни предлози и идеи и ги насочуваат кон институциите со цел да се надминат и заеднички да се справиме со предизвиците кои произлегуваат од употребата на вештачката интелигенција. Но, би сакал да нагласам дека со предизвиците нема да се справување еднаш засекогаш, туку ќе треба постојано да развиваме политики и начини за употреба во работењето на вештачката интелигенција.“, истакна министерот Андоновски.
Претседавачот на Националното студентско тело, Александар Николовски, истакна дека преку организацијата на вакви и слични настани, целта е да се подигне свеста за користење на ВИ во високото образование. Јована Добрева, асистентката на ФИНКИ при УКИМ, посочи дека е неопходно регулирање на генеративната вештачка интелигенција.
„Денеска гледаме генеративна ВИ, како ChatGPT, која се користи насекаде, но не постои сигурност дека податоците кои ги користиме се целосно и вистински точни. Доаѓа и до потенцијални опасности кои се во доменот на расистички и националистички информации кои што не се научно поткрепени. Тука главна улога играат и правната регулација која веќе ја презема Европската Унија, каде што се ставаат одредени етички ограничувања на генеративната вештачка интелигенција, т.е. се насочиме кон тоа да биде асистивна технологија, односно технологија која ќе биде поддршка на човекот“, истакна Добрева.