Дебата: Студентите бараат да се државен приоритет и надлежните да ги решаваат нивните проблеми

Фото: Скриншот

Студентите во Северна Македонија и понатаму се соочуваат со бројни проблеми, како што се студентскиот стандард, проблемите со јавниот превоз, лошите услови во студентските домови, неможноста за работа. Тие оценуваат дека не им се приоритет на надлежните. Според нив, прашањето не е дали да се биде или не студент во Македонија, туку прашањето е, дали тие да се борат или не до крај, за да се решат нивните проблеми, пишува Порталб.мк.

До овој заклучок, меѓу другото, дојдоа младите студенти во дебата на тема „Да се ​​биде или не студент во РСМ“. Студентите ги споделија своите искуства, а притоа предложија и конкретни решенија за некои од проблемите со кои тие секојдневно се соочуваат.

Иако беа повикани да ги слушнат проблемите на студентите, на оваа дебата немаше претставници од Министерството за образование и наука (МОН).

Јавниот превоз и високите цени се секојдневна „главоболка“ за студентите

Студентката од Гевгелија, Марија Јовановска, која студира во Скопје рече дека превозот е еден од проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Раскажувајќи го своето лично искуство, таа рече дека и цените за билет се многу високи.

„Од Гевгелија до Скопје повратен билет чини 900 денари. Има студенти кои си одат дома секој викенд, скапо е“, рече Јовановска.

Таа кажа дека како решение на овој проблем може да се земе примерот со Охрид, каде што за студентите се пресметува 30 проценти попуст на цената на билетот.

„Апелирам до сите општини и до Владата оваа мерка, односно попустот за студентите, да се применува низ целата држава“, рече Јовановска.

Таа исто така кажа и дека до Гевгелија може да се патува со воз за поевтина цена, но сепак треба да има повеќе линии.

„Мене патувањето со воз ми одговара повеќе, без разлика што патувањето трае подолго, би апелирала што побрзо да ги вратат линиите, да има возови и преку ден, возовите се една поинтересна приказна, понекогаш кога сум патувала се случило да се расипат, па сме морале да чекаме, или пак имало и други разни проблеми“, рече таа.

Не сме задоволни од условите, но мора да тргнеме од себе си

Од неодамна во Македонија постои Национално студентско тело. Шевал Зиза од ова тело истакна дека состојбата на студентите и условите во земјава не се добри. Тој смета дека со правилна организација може да се направат промени.

„Мора да тргнеме од себе си, да најдеме колеги како нас и да ја промениме моменталната состојба“, вели Зиза.

Тој додаде дека работите треба да се промовираат кога има конкретни резултати, а не само да има најави од институциите.

„Тука сме да ги мотивираме студентите, да им кажеме дека заедно можеме да направиме промени“, додаде тој.

Примерот на Словенија да се пренесе и кај нас

Милена Глигорова, студентка од Македонија која е на студии во Словенија, даде сугестии како може да се подобри состојбата кај нас, земајќи ја за пример една не така далечна земја. Додипломските студии ги завршила во Љубљана, а сега е на магистерски студии во Марибор. Таа раскажа дека студиите во Словенија се бесплатни и дека се плаќаат само неколку мали суми за одредени работи.

Глигорова објасни дека иако се студенти од странски земји во Словенија имаат многу можности и поволности.

„Прашањето за работењето за време на студиите е регулирано преку студентските служби, што на нас студентите ни овозможува да работиме во неколку фирми“, рече Глигорова.

Таа објасни дека што се однесува до јавниот превоз, месечната карта за студенти во Љубљана чини 20 евра, а во Марибор чини 17 евра. Таа, меѓу другото, раскажа и за системот на студентски бонови со кои за малку пари може да се конзумира храна во многу ресторани.

„Сите овие работи нам ни го олеснуваат студирањето и студентскиот живот. Би било добро овој модел да се примени и во РСМ“, рече Глигорова.

ФПО: Не сме приоритет на институциите, имаме конкретен предлог за јавниот превоз

Образованието и студентите не се приоритет за оваа држава, велат од Форумот за промени во образованието (ФПО). Викторија Постоловска од оваа организација рече дека причина за отсуството на претставници од Министерството за образование и наука за да слушнат за овие проблеми е тоа што нивните проблеми не се приоритет.

„Кај нас образованието не е приоритет. Искуствата на студентите покажуваат дека состојбата не е добра. Невладиниот сектор и студентите прават многу повеќе едни за други отколку самата држава“, рече Постоловска.

Таа рече дека има многу проблеми и дека во оваа насока треба да се постават приоритети. Меѓу другото еден од проблемите што таа ги нагласи е вработувањето на студентите и соодветните услови во оваа насока, бидејќи како што рече таа, не е дека студентите не сакаат да работат. Потребни ни се размени, студентски домови, соработка меѓу универзитетите“, нагласи таа.

ФПО работи на конкретен предлог за да им излезе во пресрет на студентите во врска со јавниот превоз и тој се базира на словенечкиот модел. Директорот на ФПО, Бленди Ходаи, нагласи дека во Скопје има 13 илјади студенти кои доаѓаат од други градови, а и во Тетово, како што рече тој, голем е бројот на студентите од другите градови.

„Нашиот предлог се заснова во изнаоѓање на едно решение за пренесување на словенечкиот систем за јавен превоз во РСМ, и тоа ќе се претстави пред јавноста на 19 декември“, рече Ходаи.

Оваа дебата е организирана од Здружението за унапредување на медиумските практики „Иновативни медиуми“, во чии рамки функционира порталот „Порталб“, заедно со организацијата „Форум за промени во образованието“.