fbpx

Дебата на Метаморфозис: Медиумските реформи треба да се континуитет, а не тргни-застани процес

-

Фондацијата Метаморфозис вчера организираше дебата за реформите во медиумскиот сектор, која што се одржа по презентацијата на сопствениот извештај „Реформи на половина пат – политичката волја час ја има, час ја нема“ од мониторингот на следење на реформите во областа на медиумите.

На дебатата беа потврдени наодите од извештајот, при што заеднички заклучок на соговорниците беше дека нема исполнување на реформскиот процес во медиумскиот сектор доколку нема доследна политичка волја за спроведување на тој процес. На дебатата учествуваа претставници на национални и локални медиуми (МРТ, МИА, Мета, Порталб, Вистиномер, ТВ Вис…), претставници на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), претставници на новинарските здруженија ЗНМ, ССНМ, СЕММ, МИМ и на граѓанските организации Метаморфозис и Центар за развој на медиуми.

Средната оценка 3 на скалата од 1 до 5 може да се придвижи кон 2 доколку продолжи стагнацијата во реформскиот процес во медиумскиот сектор во земјава, рекоа соговорниците на дебатата.

Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) се осврна на случаите на физичките и вербалните напади на новинарите и медиумските работници, кои во последно време зачестуваат по социјалните мрежи. Тој информираше за информациите добиени од Собранието на РСМ за новите измени на Кривичниот законик, во којшто нападот на медиумските работници ќе се третира како напад врз службено лице, дека ќе се најдат на дневен ред пред пратениците по седниците за буџет.

Катерина Синадиновска од Советот за етика во медиумите истакна дека се свесни за тешката финансиска состојба во која се наоѓаат медиумите во земјава, но и дека мора да има ред и граница за одржувањето на финансиската стабилност, за да не се навлегува во узурпација на слободата на изразување на новинарите.

На разговорот се надоврза и Теофил Блажевски од Вистиномер, кој е и автор на презентираниот Извештај. Тој рече дека од политичката волја зависи дали јавните пари во медиумите се проблем што ќе се зголемува. Во однос на медиумските реформи, Блажевски додаде дека безбедноста на новинарите е единствениот сегмент во кој тие забележале одреден напредок.

Инаку, учесниците на дебатата ги потврдија наодите на Извештајот, при што беше потенцирано дека недозволиво е владата да не се придржува до законската обврска за финансирање на радиодифузниот сектор со финансии од 0,8 до 1 отсто од буџетот реализиран во претходната буџетска година, бидејќи страдаат корисниците, а првенствено јавниот сервис МРТ, кој е корисник на 75 отсто од тие средства.

Исто така, соговорниците се сосласија дека е недозволиво што и после два конкурси од Собранието на РСМ, не се избрани нови претставници на Програмскиот совет на МРТ и Советот на АВМУ. Воедно, од Собранието на РСМ се бара под итно да ги усвои предложените измени на Кривичниот законик, со кој нападите врз новинарите се третитаат како напад врз службени лица.

На вчерашната дебата се повтори идејата за основање на Фонд за развој на медиумите во инклузивен процес со новинарските организации и со претставници на медиумите, како и да се поттикне процесот на саморегулација и значењето на Регистерот за онлајн медиуми.

Учесниците на дебатата ја истакнаа потребата од создавање на национална стратегија за медиуми и медиумскиот сектор, како и предлогот за темелни измени на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги.

Извештајот „Реформи на половина пат – политичката волја час ја има, час ја нема“ е резултат на спроведеното истражување од Фондацијата „Метаморфозис“. Дебатата и изработката на извештајот беа дел од активностите на проектот „Проверка на факти за напредокот на Република Северна Македонија на патот кон ЕУ“, којшто се спроведува од „Метаморфозис“ во текот на 2021 и 2022 година со поддршка на Националната фондација за демократија на САД.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...