Дебата на ИДУЕП: Се подготвува законска можност за работа од далечина

фото: ИДУЕП

Во последниот период сè погласно се говори за нов Закон за работни односи, од кој, со воведувањето на можноста за работа од дома и работа од далечина, токму младите со стекнати дигитални вештини и знаења ќе го имаат најголемиот бенефит, истакна министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска на втората јавна дебата посветена на подигање на јавната свест за младинската невработеност во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

На дебатата беше истакнато дека младите луѓе сакаат флексибилно работно време, работа од далечина и услови за квалитетен живот по нивна мерка, а државата треба поактивно да ги вклучи во носењето одлуки и креирање политики со цел младите да останат во земјата.

„Владата има системски пристап во решавањето на предизвиците со кои се соочуваат младите, преку имплементација на политики за врбаотување и носење на посебни закони, земјаќи ги предвид промените на пазарот на трудот и иновациите во бизнис секторот и работните места“, истакна министерката Тренчевска, повикувајќи ги младите да бидат погласни во своите барања и да се вклучат со свои рпедлози во креирањето политики.

Корупцијата е еден од главните фактори кои поттикнуваат иселување на младите, посочи Билјана Стојческа од Младинскиот сојуз. Според последното истражување на оваа организација, дури 90 отсто од младите во земјава сакаат да се иселат.

„Треба да се менува фокусот само од вработување кон обезбедување квалитетни услови за живот. Она што загрижува е дека висок е процентот на сиромаштијата кај млади луѓе – 24,6 проценти или секој четврти млад човек во земјава се соочува со сиромаштија. Една третина од корисниците на социјална помош се млади. Немаме акциски план за тоа како да се гради квалитетен живот на младите луѓе во нашето општество. Ние можеме да обезбедиме супер вештини за идните професии за младите луѓе, меѓутоа, што ако младите луѓе немаат квалитетен живот?“, рече Стојческа.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, смета дека е неопходна реформа на образованието, но дека има простор со конкретни мерки да се поддржат младите во земјава и да се инвестира во развој на нивните вештини.

Една од главните цели за подобрување на состојбата со вработувањето кај младите е да се работи на воведување, но и промоција на мерки и програми наменети за младите со цел да се подобри младинската информираност, истакна Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ).

„Главната иницијатива треба да се префрли кон сите посериозни чинители кои можат да придонесат и повеќе да се насочат кон тоа да ги таргетираат младите со сите придобивки кои можат да ги имаат со Законот за практикантство, Законот за работни односи, што можат да добијат со Националната стратегија за млади и слично, како да основаат сопствен стартап и слично“ рече Темелковски.

Комуникологот и координатор на Програма во ИДУЕП, Бојан Кордалов, смета дека итно е потребна заедничка стратегија на сите општествени чинители на централно и локално ниво, а во која ќе бидат вклучени систе засегнати страни со цел да се запре поразителниот тренд на иселување.

„Говориме за недостаток на квалификувана работна сила, тоа се најчестите пораки кои во јавноста ги слушаме. И тоа е резултат на масовното иселување на младите кадри во западноевропските земји и САД. Ако сакаме како земја да ја промениме оваа состојба сме дефинитивно на погрешен пат и бројките тоа јасно го говорат. Ова нема да се подобри со партиски препукувања или со надмудрувања кој е крив, кој е прав. Ефектот овие децении е поразителен. Потребен ни е разговор и дијалог, како и заедничка работа со младите“, истакна Кордалов.

Кордалов додаде дека до крајот на оваа година сите препораки ќе бидат ставени во еден документ кој ќе им биде доставен и на владините претставници и на општините, од кои се очекува дека ќе ги интегирраат во своите политики и ќе ги спроведат.