Фото: Архива на Мета

Многу неодговорени прашања остануваат отворени, поради што Владата треба да го повлече новиот закон за дивоградби, којшто од претседателот Стево Пендаровски не беше потпишан и тој со забелешки го врати во Собранието на РСМ. Експерти, претставници на невладини организации и еколошки здруженија и претставници на надлежни институции излегоа со свои ставови на денешната јавна дебата „Уредување на правниот статус на бесправно изградените објекти“ организирана од Државната комисија за спречување корупција.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Ана Петровска праша што е тоа како специфично во овој закон што ќе ја спречи понатаму бесправната градба во земјава, бидејќи и по легализирањето на дивоградбите создадени до 2011 година, бесправната градба продолжила.

Меѓу забелешките, таа посочи дека законот вели дека може да се легализираат објекти кои не се завршени, а исто така се овозможува легализација на објекти кои се наоѓаат на државно земјиште или на туѓо приватно земјиште. Таа се запраша каква порака ќе испратиме до граѓаните доколку навистина се овозможи ова во новиот закон.

Со законот се овозможува и еден сопственик да легализира повеќе дивоградби, рече директорката Петровска, и порача дека ова не смее да биде случај, туку ваквите сопственици треба да добијат кривични пријави. Таа праша и дали со формирањето на општински комисии за идентификување на бесправно изградените објекти ќе се изврши суспензија на надлежностите што ги има градежната инспекција.

Директорката на ДИЖС се задржа на можноста да се легализираат дивоградбите во заштитени подрачја, за кои согласност ќе биде потребна од Министерството за животна средина и просторно планирање. Петровска праша врз основа на кои критериуми ова министерство ќе може да издаде согласност во рок од 30 дена, бидејќи со поднесениот геодетски елаборат и изјава на сопственикот на дивоградбата не може да се утврди кој објект како дивоградба влијае врз животната средина.

Таа посочи, а и многу од останатите соговорници на дебатата јавно се согласија, на потребата од подготовка на инвентаризација на бесправно изградените објекти, по што Министерството би можело одделно да одлучува за секоја градба посебно дали влијае врз животната средина во заштитените подрачја. Ана Петровска потсети дека Општина Охрид веќе изготвила еден ваков инвентар на бесправно изградени објекти, по барање на Реактивната комисија на УНЕСКО.

Сашо Блажевски од Комисијата на овластени архитекти и инженери на дебатата рече дека се добредојдени напорите за решавање на проблемите, но мора да се мисли на последиците што ќе ги предизвикаат тие. Тој смета дека најпрво треба да се видат причините зошто некој објект е бесправно изграден. Системски новиот закон за дивоградби штетно би влијаел на среден и долг рок, бидејќи се случува ерозија на струката, но и губење на контрола каде се гради во земјава.

На дебатата се вклучија и универзитетските професори Дивна Пенчиќ и Слободан Велевски од Архитектонскиот факултет при УКИМ. Пенчиќ нагласи дека со понуденото законско решение урбанистичкото планирање се остава на крајот, а не на самиот почеток при легализацијата на дивоградбите. Спорен е членот 42, кој би ги обврзал општините да направат урбанистичко-планска документација со која се врши вклопување на дивоградбите во неа.

„Треба да е обратно, единствено може да се направи вклопување на дивоградбите ако може да се вклопат со постојните детални урбанистички планови“, рече професорката Дивна Пенчиќ.

За неа е според и членот 17, со кој може да се легализираат објекти во заштитени подрачја, на траса на автопат или далновод, па тие да се вклопат во ДУП-овите, но и оптичките кабли и телекомуникациската инфраструктура во општините, која досега се реализира по принципот секој влече инсталации кај што ќе стигне. Треба да се постават јасни критериуми и да се направи инвентаризација на дивоградбите во земјава, вели професорката Пенчиќ.

Професорот Слободан Велевски дополни дека помошните објекти и времените објекти би можеле да бидат легализирани, односно впишани во Агенцијата за катастар на недвижности, но само како времени објекти кои не би правеле проблеми во урбанистичкото планирање. Истото би важело и за телекомуникациските објекти кои се наоѓаат надвор од сообраќајни коридори, а како исклучок за легализација би можело да бидат и објектите на социјално загрозени семејства. Но, посочи, професорот Велевски, и во овој случај неопходна е изработка на инвентаризација и да се внимава каков е квалитетот на изградените дивоградби.

„Мора да се попишат сите дивоградби, треба да бидат објавени во јавно достапен регистар, којшто ќе треба да си го направи секоја општина во соработка со Министерството за транспорт и врски, но според еднаква методологија“, рече професорот Велевски.

Искра Михајловска од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) го посочи и проблемот на легализацијата на дивоградби на државно земјиште, кое можеби во иднина по некој друг закон сопственикот ќе може да си го купи и самото земјиште поради легализираната градба, што претставува кражба на сите нас. Таа рече дека земјиштето е необновлив ресурс и мора да бидеме одговорни кон него. Михајловска спомена дека не сите одлуки се популарни, но законот мора да понуди решение со кое ќе се овозможи некои од дивоградбите да можат да се срушат.

Професорката по уставно право, Рената Дескоска на дебатата се изјасни дека предложениот закон за дивоградби треба целосно да се повлече, по што би следело истражување и мапирање на тоа што всушност може да се легализира. Таа смета дека треба да се направи расчленување и на легализацијата да се помислува на објекти кои се наоѓаат во руралните места во кои не бил донесен урбанистички план, но не и на дивоградбите во урбаните јадра во градовите. Професорката Дескоска смета дека треба да се внимава и на намената на објектите кои би се легализирале, па така, деловните објекти треба целосно да се исклучат од можноста за легализација.

Судијата Владимир Туфегџиќ на дебатата се задржа на неколку спорни членови од предложениот закон, образлагајќи ја спорноста на членовите 2, 4, 6 и 8. Па така, во законот, рече тој, не е прецизно дефинирано што значи „пренамена“ на објект. Понатаму, тој посочи дека иако Охридскиот регион е исклучен од ваквата можност за легализација, друг член во законот дозволува легализација на дивоградби во заштитени подрачја. Тој се запраша дали некој во иднина може да го протолкува и Охридскиот регион како заштитено подрачје.

За него е спорен и членот од законот кој овозможува легализација на бесправно изградено здание на земјиште на кое лицето имало право на долготраен закуп, но како особено дискутабилен го оцени членот 6 кој овозможува самиот сопственик на дивоградбата да го поднесе барањето за нејзина легализација. И судијата Туфегџиќ, како и најголем дел од останатите соговорници, побара најпрво да се донесе законски или подзаконски акт со кој ќе се утврди обврска за евиденција на бесправно изградените објекти.

Кон ова се надополни и планерот Иван Арсовски од Агенцијата за планирање на просторот, кој појасни дека мора да постои сателитска или друг вид на снимка како доказ во минатото за постоење на дивоградбата, бидејќи во спротивно, ќе треба да се верува единствено на барањето за легализација на дивоградбата поднесено од сопственикот. Тој како пример го спомена хрватскиот закон за справувањето со дивоградбите.

И претставниците од еколошките „О2 Иницијатива“ и „Еко-свест“ побараа повлекување на предложениот закон за дивоградби на денешната расправа.

На почетокот на дебатата се обрати и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој изјави дека веќе се размислува на измени на предложениот закон за дивоградби што претседателот Стево Пендаровски не го потпиша. Тој нагласи дека станува збор за законско решение со кое сакаат да се стават во правна рамка дивоградбите што веќе постојат.

Бочварски рече размислуваат за подобрувања на предложениот закон во неколку насоки, вклучително социјално загрозените семејства да не плаќаат давачки кон државата. Исто така, размислуваат да се воведе прогресивно плаќање според големината во квадратура на дивоградбите. Бочварски изјави дека се размислува и на правење разлика помеѓу граѓаните кои имаат една дивоградба наспроти оние кои имаат втор дом или викендичка што ја направиле како бесправна градба, а сакаат да ја легализираат.

Бочварски на дебатата рече дека размислуваат и за легализација на индустриските објекти, кои веќе се направени и функционираат, а не се ставени во правна рамка. За нив, размислувањето е постапката на урбанизација да си ја направат на свој трошок, додека ваквите дивоградби самите да си ја платат изведбата на примарната инфраструктура до нивните објекти. За станбените згради, Бочварски спомена дека уште со првичното законско решение биле изземени од можноста за легализација.

„Ние остануваме отворени за дискусија“, изјави министерот Бочварски, додавајќи дека државата не сака по секоја цена да донесе законско решение.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска напомена дека заклучоците од организираната јавна дебата ќе бидат испратени до надлежните институции кои треба да го подготват новиот закон за дивоградби. Сепак, таа спомена дека државните институции треба да си ја продолжат дебатата, додека организираниот настан од ДКСК е за да се почувствува пулсот на стручните лица и на јавноста.