Отвореното владино партнерство (ОВП) преку дигитализацијата да се користи за вклучување на граѓаните, особено на маргинализираните групи, и пред сè, да биде во корист на граѓаните за работи кои се навистина важни за нив, да се земе поука од минатото за работите кои не функционирале за истите да профункционираат, а се со цел да се постигне прогрес како општество, но и како регион во целина.
Ова беше заклучокот на панел-дискусијата за „Граѓанските политики во центарот – Улогата на граѓанскиот сектор во процесот на креирање на Националните акциски планови на Отвореното владино партнерство“, која се одржа вчера во Приштина во рамки на проектот ICEDA (Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда) во соработка со партнерот домаќин на ICEDA, Open Data Kosovo – Косово, пишува Порталб.мк.
Учесниците од петте земји од Западен Балкан: Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија ги споделија искуствата на нивните земји во однос на дигиталната трансформација преку Националните акциски планови (НАП) на Отвореното владино партнерство (ОВП). Тие пренесоа еден поширок преглед во однос на напорите што се прават во нивните земји за поголема вклученост на граѓаните во изработувањето, но и во спроведувањето на овие политики.
Главниот елемент за поефикасна имплементација на Отвореното владино партнерство (ОВП) е соработката меѓу самите граѓански организации, како и соработката меѓу нив и владата. Ова го изјави Дарко Антиќ од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – Северна Македонија.
„Она што е многу важно е што во последниот консултативен процес се обидовме да пренесеме аспекти од ранливите групи како дел од планираните активности. За многумина ОВП е само една дигитална агенда, но за мене лично ОВП е процес преку кој подобрувате нечиј живот со користење на различни пристапи и дигитални алатки“, рече Антиќ, и нагласи дека е многу важно да бидат вклучени сите, со цел резултатите да бидат поконструктивни и засновани на потребите на сите граѓани.
„Мотивацијата е многу важна, на крајот на денот не е важно дали имаш план со активности, туку да има имплементација“, нагласи Антиќ.
Што се однесува на вклученоста на граѓанското општество во националниот акциски план во Црна Гора, Снежана Никчевиќ од НВО 35ММ вели дека тоа бил еден голем процес меѓу институциите и граѓанското општество.
„Националниот акциски план треба да вклучи мали организации кои имаат директен контакт со граѓаните. Ние се занимаваме со ОВП“, рече Никчевиќ и нагласи дека вклученоста на медиумите во овој процес е од стратешка важност.
„Да се создадат значајни односи меѓу владите и граѓаните“, истакна Никчевиќ.
Кристина Калајџиќ од Демократски промени Србија рече дека таму ситуацијата е малку поинаква, бидејќи бројот на невладини организации спремни да учествуваат во овој процес е многу мал, затоа што, како што рече таа, тие се разочарани од процесите во кои учествувале претходно.
„Има поголема провладина ориентираност, повеќето предлози од граѓанското општество не се опфатени… Генерално, не сме толку мотивирани да учествуваме… Оваа година имавме само еден состанок за да дискутираме“, рече Калајџиќ, и додаде дека се надеваат дека новиот план ќе биде поинклузивен за граѓанскиот сектор.
Емерлинда Пема, шеф на кабинетот во Министерството за стандарди на услугите – Албанија, зборувајќи за политиките кои се дел од ОВП, истакна дека меѓу институциите и граѓанското општество треба да се зборува отворено.
„Не се најважни обврските што ги преземате, најважно е плановите и овие иницијативи, приоритетите да се постават заедно со граѓанскиот сектор. Фокусирани сме на креирањето на еден нов план, кој доаѓа од граѓанското општество. Во стариот план имавме девет обврски, но најважни беа дигитализацијата на е-влада и платформата за отворени податоци“, истакна Пема.
За порталот за отворени податоци, кој е многу важна врска помеѓу владата и граѓанското општество, Пема рече дека ќе биде во новиот акциски план, при што одлуките ќе се носат заедно со целото граѓанско општество, а не само со невладините организации.
За да направиме промени, треба да имаме поголема и подобра соработка меѓу невладините организации. Ова беше една точките кои се истакнаа на панелот.
Целта на овие дискусии е размената на знаења помеѓу засегнатите страни (институции и граѓански организации) од Западен Балкан и започнување на еден продуктивен дијалог за подобра работа во врска со проблемите поврзани со дигиталната трансформација преку глобалните иницијативи, како што е Отвореното владино партнерство (ОВП).
Настанот беше отворен за публиката и истиот можете да го проследите на видеото во продолжение:
Што е Отворено владино партнерство (ОВП)?
Како глобална иницијатива, Отвореното владино партнерство (ОВП) е широко партнерство составено од ентитети на национално и локално ниво кои работат заедно за да креираат акциски планови со конкретни чекори – заложби – за широк опсег на прашања. Од 2011 година, идејата на ОВП е дека отворената влада е подостапна, поодговорна и поотчетна кон граѓаните, и дека подобрувањето на односите меѓу луѓето и нивната влада има долгорочни, експоненцијални придобивки за секого. Ова партнерство со 78 национални членови составени од сѐ поголем број локални власти и илјадници учесници од граѓанското општество, овозможи заедничко создавање на над 4.000 отворени владини реформи, од кои значителен дел покажаа големо влијание.
Западен Балкан во Отвореното владино партнерство
Меѓу националните членки на оваа иницијатива се и владите на Западен Балкан, имено Албанија (2011), Босна и Херцеговина (2014), Црна Гора (2011), Северна Македонија (2011) и Србија (2012), а Косово е единствената земја која не е дел на овој процес и покрај нејзините напори да се приклучи. Косово вчера го усвои Националниот Акциски План (НАП) за Отворено владино партнерство (ОВП).
Дигитализацијата како приоритет во националните акциски планови за Отворено владино партнерство на Западен Балкан
Со помал или поголем фокус, особено за оние планови кои беа развиени за време на почетоците на пандемијата ковид-19, владите на Западен Балкан ги подготвија своите НАП со дигитализација во различни сектори поставени како приоритет.
Целта на овие дискусии е размената на знаења помеѓу засегнатите страни (институции и граѓански организации) од Западен Балкан и започнувањето на еден продуктивен дијалог за подобра работа околу проблемите поврзани со дигиталната трансформација преку глобалните иницијативи, како што е Отвореното владино партнерство (ОВП).
Инаку, завчера, партнерите на проектот на ICEDA, во соработка со партнерот-домаќин, Open Data Kosovo, во рамки на регионалниот дијалог за дигиталната агенда, дискутираа за предизвиците и достигнувањата на тема „Дигиталното владеење во регионот преку Отвореното владино партнерство и други иницијативи”.
Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“ се имплементира од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-владеење (Естонија), Движењето Мјафт! (Албанија), Партнери за демократски промени (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ОDК – Open Data Kosovo (Косово). Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, и истиот промовира подобри дигитални услуги во регионот на Западен Балкан.