fbpx

ДЕБАТА: Државата е должна да обезбеди здрава животна средина за граѓаните

-

Да се намали аерозагадувањето, да постои интегриран систем за управување со отпадот и ригорозна контрола врз индустријата, да се подобри квалитетот на водите, заштитата на шумите и биодиверзитетот, да се создадат одржливи системи за производство на храна и да се преземе поголема климатска акција.

Ова се само мал дел од заклучоците на денешната јавна дискусија на претставниците на граѓански организации, професори и експерти од областа на животната средина со претседателот Стево Пендаровски, која што се одржа во рамките на изработката на Рамката за развој МКД2030. Станува збор стратешки документ што се изработува под покровителство на претседателот Пендаровски и ги утврдува приоритетите за развој и областите во кои треба да се фокусира државата со цел напредок и подобар живот на граѓаните во следнава деценија.

Претседателот Пендаровски порача дека државата е должна да обезбеди услови за остварување на правото на граѓаните за здрава животна средина и оттаму меѓу клучните теми во МКД2030 се животната средина и одржливиот развој.

„На неодамнешниот Самит COP 26 во Глазгов, како држава преземавме одговорност за климатска акција и намалување на емисиите на стакленички гасови. Веќе денес треба да размислуваме и за сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поддржи одржливиот економски раст на земјата, но, и генерално, за нови модели на економскиот развој“, рече претседателот Пендаровски.

Според експертите и граѓанските организации, приоритетните области во кои треба засилено да се работи се климатските промени, циркуларната економија, квалитетот на воздухот, управувањето со отпадот и со водите, индустриското загадување, почвата и одржливите системи за храна, заштитата на природата, биолошката разновидност и шумарството.

Меѓу целите и приоритетите кои треба да се постигнат се намалувањето на аерозагадувањето и воспоставувањето мониторинг станици кои постојано ќе работат. Потребно е сите јавни објекти да се греат на незагадувачки начин, за домаќинствата да има повеќе можности за енергетска независност и продажба на вишокот струја и да се зголеми обемот на урбаното зеленило.

До 2030 година, треба да се воведе интегриран систем за управување со отпадот низ целата држава. Да има можности за компостирање, селектирање, рециклирање и реупотреба на отпадот, како и негово искористување за добивање енергија.

На дискусијата експертите и граѓанските организации појаснија дека меѓу целите и приоритетите во животната средина се и оние за намалување на загаденоста на реките и езерата, укинување на повластените тарифи за енергија од малите хидроцентрали и подобрување на мониторинг мрежата за квантитет и квалитет на водите.

Меѓу приоритетите треба да биде и трансформацијата на индустријата за да се намалат емисиите на стакленички гасови и целосно да се третираат отпадните води пред да се испуштат, како и да се реши историското загадување на жешките еколошки точки во државата.

Треба да се запре губењето на биодиверзитетот и да се заштитат природните живеалишта и вредности, а 30 проценти од територијата да се прогласи за заштитени подрачја, беше наведено на денешната јавна дискусија.

„Одржливите системи за производство на храна треба да имаат особено фокус на малите семејни земјоделски стопанства, целосно да се применува добрата земјоделска пракса и да се зголеми органското производство и локалното вработување во рурален туризам и агро-бизниси“, се наведува во соопштението на Институтот за комуникациски студии како организатор на денешната дискусија.

Стручњаците сметаат дека е неопходно да се донесе Закон за климатска акција, фосилните горива да се заменат со обновливи извори на енергија, да се отвораат зелени работни места, да се воведе образование за климатски промени и да се спроведуваат кампањи за промена на свеста и навиките.

Јавната дискусија ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамките на неговата кампања „Разбистри сè“, која е поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ниту едно од поглавјата за преговорите со ЕУ не е отворено

Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот...