Во рамките на „Разговорите за дигитална трансформација“ што ги организира Академијата за е-владеење (ЕГА) од Естонија, денеска се одржа дебатата на тема „Здравствена безбедност и сертификати за вакцини“, на која особен осврт се даде на прашањето како да се зголеми довербата во сертификатот за вакцинација на европскиот континент. Пред неколку дена, Европската Комисија го предложи воведувањето на дигитален зелен сертификат, којшто треба да го олесни патувањето во ЕУ во претстојниот период.

Во своето излагање, Константин Хипенен од Европската Комисија рече дека дигиталниот зелен сертификат не е нова рестрикција за патување во ЕУ, ниту пак со неа граѓаните од земјите-членки на ЕУ се приморуваат да се вакцинираат против ковид-19. Сепак, ваквиот документ на европско ниво, порача тој, треба да ја надмине состојбата во која 27 земји-членки на ЕУ ќе имаат 27 различни сертификати за вакцинација, што би можело да доведе дури и оние лица кои се вакцинирани, да бидат одбиени за влез во странска земја.

Хипенен истакна дека правната основа за воведување на дигиталниот зелен сертификат на ЕУ лежи во правото на граѓаните од земјите-членки на ЕУ да можат слободно да се движат на целата територија на Унијата. Сепак, и тој напомена дека засега овој сертификат е предложен единствено за граѓаните кои се земји-членки на ЕУ, како и за Исланд, Лихтенштајн, Швајцарија и Норвешка. За земјите од Западен Балкан, засега Европската Комисија нема донесено одлука на кој начин ќе постанат компатибилни дигиталните зелени сертификати со системите на земјите кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи го и Западниот Балкан. До тогаш, ќе останат ограничувањата за несуштински патувања од трети земји во ЕУ.

Винсент ван Пелт Ництиз од холандскиот Центар за електронска размена на информации за здравствена нега и заштита на дебатата објасни на кој начин ќе функционира дигиталниот зелен сертификат. Негово издавање за граѓаните ќе биде бесплатно, а документот ќе може да се издаде во дигитален или хартиен формат. Тој ќе има QR код, кој сепак нема да дозволува пренос на лични податоци за здравствената состојба на граѓаните.

Постапката на издавање и употреба на дигиталниот зелен сертификат во ЕУ

Овој документ ќе биде неопходен при влез од една во друга земја-членка на ЕУ, при што на сертификатот ќе има податок кој го издал овој документ, основни податоци за граѓанинот (име и презиме, година на раѓање, кога, во колку дози и која вакцина против ковид-19 е примена од граѓанинот), при што државните органи на границата ќе треба да го скенираат овој QR код и да утврдат дали е тој валиден. За да не постои дискриминација на одредена категорија на граѓани, дигиталниот зелен сертификат како алтернативни опции ќе нуди внесување на податоци за граѓаните кои веќе го прележале ковид-19 или пак не го имаат прележано и не се вакцинирани, но имаат негативен ПЦР-тест направен пред патувањето.

На денешната дебата најдетални податоци се изнесоа во однос на начинот на издавање на дигиталниот зелен сертификат за вакцинираните лица против ковид-19. Граѓанинот најпрво треба да се вакцинира со вакцина која е одобрена од ЕУ (земјите-членки на ЕУ доколку сакаат може секоја одделно да ја прифатат и кинеската и руската вакцина), по што давателот на вакцината треба да ги внесе информациите за лицето кое е вакцинирано, со која доза и со која вакцина во базата на податоци. По ова, граѓанинот којшто сака да патува во странство бара од официјалниот издавач на сертификати ваков документ, којшто издавачот му го издава. За да ја мине границата, граѓанинот ќе мора да го прикаже дигиталниот зелен сертификат на пограничните служби, без разлика дали е во дигитален или хартиен формат.

Учесниците на денешната дебата се задржаа и на заштитата на личните податоци за здравствената состојба на граѓаните, посочувајќи дека информациите што ги содржи QR кодот од дигиталниот зелен сертификат нема да може да складираат во било каков формат или повторно да се искористат од било кого, туку овие дигитални податоци би се користеле единствено за потребата за патување на граѓанинот во странска земја, односно единствено за утврдување на валидноста и автентичноста на сертификатот.