Дебата: Дигитализацијата во училиштата да се одвива чекор по чекор, сметаат средношколците

Фото: Tim Gouw на Unsplash

Постојано истражување и следење на навиките и потребите на средношколците, инклузивни и поефикасни дигитални решенија – се дел од заклучоците што беа изнесени на вториот од серијата настани на тема „Дигитална трансформација на образованието“, сега, со фокус на средното образование или „Дигитализацијата и средношколците“. Настанот во форма на онлајн дебата се одржа вчера во организација на Советот за дигитална трансформација (СДТ) при Институтот Хајделберг, Сојузот на средношколци на РСМ и Американските совети за меѓународно образование (ЈЕС алумни програма).

На вчерашната дебата, претставници на Советот за дигитална трансформација истакнаа дека дигитализацијата е голема придобивка за сите со што се овозможува повеќе време, можности, слобода и поради тоа, главната цел на Советот е работењето на дигиталната трансформација да биде одржлива и во функција на сите граѓани.

Од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ) нагласија дека дигиталните алатки во училницата и нивно инкорпорирање е позитивен процес на дигитализирање, кој ги олеснува и забрзува образовните процеси, но сепак целосната дигитализација не соодветствува со потребите и праксите на учениците.

На претходната дебата на СДТ и Форумот за образовни промени, беше претставено неодамнешно истражување на СДТ, ИДУЕП и ФОП, кое покажа дека 70 проценти од учениците и студентите од земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ (Албанија, С. Македонија, Србија) преферираат модел на учење во училница или комбиниран модел.

На дискусијата беше поставено прашањето „Кои се ефектите од дигитализацијата во средното образование?“, на што се осврна генералниот секретар на ССРСМ, Јана Попова, која рече дека се очекува дигиталната трансформација да настане чекор по чекор, без големо отскокнување.

„Сите знаеме дека светот се движи напред и дека дигитализацијата во средните училишта ќе дојдеше кога-тогаш. Ние очекувавме тоа да се случи чекор по чекор, додека со појавата на коронавирусот направивме голем скок. Најголемиот отпор кај нас, средношколците, беше во целосната дигитализација, што резултираше со десоцијализација и затворање на училиштата на предолг временски период“, посочи Попова.

Од друга страна, претставничката од Американските совети за меѓународност, Рина Османи напомена колку е значајна безбедноста и прецизните насоки за користење на дигиталните алатки што ги нуди онлајн просторот

„Со појавата на коронавирусот имаше целосно дигитализирање на процесите во Американските совети, како и програма за виртуелна културна и образовна размена. Ги следиме актуелните состојби и се адаптираме на нив, со голема доза на внимание и претпазливост, поентирајќи ги и негативните ефекти од брзите дигитални процеси како преоптовареноста со информации меѓу кои наидуваме на „лажни вести“ и борбата со нив“, рече Османи.

„Ќе ја искористам оваа можност да ги повикам сите коишто сакаат да нѝ се приклучат, да нè контактираат, да бидат дел од огромното семејство, огромниот тим на луѓе коишто веќе работиме на оваа тема, и особено ми е драго што денеска ја поврзавме со средношколското движење и со реформите во образованието“, заклучи претседателот на СДТ, Бојан Кордалов.

Целата дебата може да се проследи на следниот ЛИНК.