Фото: Исечок од видеопреносот на дебатата за дигитализацијата, организирана од ИДУЕП и Фондацијата „Фридрих Науман“.

Дигитализацијата би донела огромна предност и за граѓаните и за транспарентноста и отчетноста на локалните власти, но за да се достигне потребното ниво ќе бидат потребни многу напори и пари. Во меѓувреме, треба да се продолжи со работа на процесот на „дигитализирање“ на општините под контрола на некаков „центар“, оти самостојните обиди не донесуваат многу корист.

Ова се дел од главните согледувања на дискутантите во денешната тркалезна маса „Како до е-општини од интерес на граѓаните?“ што се одржа виртуелно, преку Зум и беше емитувано на Фејсбук.

На настанот организиран од Фондација „Фридрих Науман“ – Југоисточна Европа и од Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП), говореа Ивајло Цонев, проектен координатор од фондацијата „Фридрих Науман“, потоа, министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Горан Милевски; Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС; Бардил Јашари, извршен директор на фондацијата „Метаморфозис“; Емили Јовановиќ – Локвенец, бизнис аналитичар/специјалист за информациски системи во УНДП; како и Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма на ИДУЕП.

Фото: Исечок од видеопреносот.

Според министерот Милевски, посебно во време на пандемичната криза со ковид-19, дигитална трансформација на општини е можна, а таа е и дефинирана во приоритетите на Владата за дигитализација и за зголемување на транспарентноста и отчетноста. Според министерот, државата е клучен фактор што може да обезбеди вистинска дигитализација, односно дигитална трансформација на општините, за тие да може да обезбедуваат квалитетно дигитални услуги, порача министерот за локална самоуправа.

„Е-услуга за градење е обезбедена од сите општини – тоа е доказ дека со поддршка од централно ниво може да се обезбедат дигитални услуги“, убеден е Милевски.

Како што порача Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС, дигитализацијата, иако почната одамна, сега е загубена во разнородните проекти, што не се споиви меѓу себе. Затоа, вистинска дигитализација треба да се бара во решенија, односно алатки што ќе се применат секаде, и тоа веднаш.

„Дигитализацијата е битна за сите граѓани, но не е нова работа. Уште во 2009 или 2010 се направи алатка „Пријави проблем“, а потоа се појавија и други алатки со поддршка на спонзори, и сега таа дигитална алатка не се користи, иако може да одговори на многу потреби. Затоа, не сметам дека за дигитализацијата се клучни донаторите, туку потребна е волја кај нас за да се направи дигитализација, порача Перишиќ.

Според Бардил Јашари, директор на „Метаморфозис“, ажурноста на дигиталните услуги, но и информации, е еден од основните предизвици со коишто се соочуваат општините, па, така, само во 20 отсто од општините има редовно ажурирање на основните информации, како што е службено лице за информации од јавен карактер, спомена извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Бардил Јашари. Фото: Исечок од онлајн-дискусија на Зум.

Тој порача дека  дигитализацијата не смее да биде цел сама за себе, туку дел од стратегија на државно ниво, за да се исползуваат вистинските придобивки од овој инструмент за секој граѓанин, без разлика каде живее.

„Само тогаш ние ќе ги почувствуваме придобивките, во спротивно истите грешки ќе се повторат. Тоа што го покажа и анализата што ја направивме е дека е потребна визија, стратегија“, појасни Јашари.