Републиканците го загубија мнозинството во американскиот Сенат на изборите кои вчера се одржаа во САД, а според проекциите на медиумите, демократите ќе ја преземат контролата и врз Претставничкиот дом. Со тоа, на половина од вториот мандат на претсеадтелот Доналд Трамп, неговата партија ја губи контролата врз двата дома на Конгресот.

Длабочината на поразот на републиканците стана појасна кога пристигнаа резултатите од изборите во сојузните држави во кои партијата со децении освојуваше сенаторски места. Така, во Тексас кој важеше за трдиционално Републикански, демократот Џејмс Таларико го победи Кен Пакстон, кандидатот што го поддржа Трамп. Последната победа на демократите во трката за сенатор од Тексас се случила во 1991 година, пред повеќе од три децении.

„Штотуку си го вративме Тексас. Покажавме дека политиката на поделби нема шанси против политиката на љубовта“, рече Таларико во своето обраќање кон насобраните поддржувачи во Остин, Тексас.

Таларико додаде дека секогаш верувал во „во младите, во имигрантите и во оние на кои никој не им дава шанса“. Со својата кампања, рече тој, сака да им порача на милијардерите што финансираат изборни кампањи дека „моќта му припаѓа на народот“.

„Секогаш ќе ви служам и секогаш ќе се борам за вас“, рече Таларико.

Тексас беше особено тежок пораз за републиканците. Покрај сенаторското место, партијата ја загуби и гувернерската функција. Демократката Џина Инохоса го победи Грег Абот, кој бараше четврти мандат.

Во Канзас, пак, демократите немаат победено на избори за сенатор речиси 100 години, од 1932 година. Сега демократот Адам Хамилтон го победи актуелниот сенатор Роџер Маршал. Демократите освоија сенаторско место и во Јужна Каролина, каде што Трамп на претседателските избори во 2024 година победи со околу 18 процентни поени разлика. Последниот сенатор од редовите на демократите во Јуна Каролина бил избран во 1998 година.

Во Џорџија, уште една држава што Трамп ја освои во 2024 година, демократот Џон Ософ го задржа своето место во Сенатот.

Трамп во кампањата ги повикуваше гласачите да гласаат како и тој да е на гласачкото ливче. По изборите, во интервју за „Фокс њуз“, рече дека ќе ги прифати резултатите, а поразите им ги припиша на републиканските кандидати. Анкетата на Асошиејтед прес покажа пошироко незадоволство. Околу три четвртини од анкетираните гласачи рекле дека се лути или незадоволни од насоката во која се движи земјата, а трошоците за живот биле меѓу нивните главни грижи.

Пo ваквите резултати кои ни најголемиот оптимист во Демократската партија на САД не можеше да ги предвиди, првата промена ќе се почувствува при именувањата за кои е потребна согласност од Сенатот. Со мнозинство во горниот дом, демократите ќе можат да го одложат гласањето или да ги отфрлат кандидатите што Трамп ќе ги предложи за федерални судии и за високи функции во администрацијата.

Ако се оствари проекцијата за Претставничкиот дом, демократите ќе го изберат и претседателот на долниот дом и ќе ги водат комисиите што можат да бараат документи и сведочења од администрацијата. Со мнозинство во двата дома, партијата ќе одлучува кои предлози ќе стигнат на гласање, а Трамп ќе го задржи правото на вето. Преговорите за финансирање на федералната влада ќе бидат една од првите прилики да се види како ќе функционира новиот однос на силите.

Новиот состав на Конгресот го почнува мандатот на 3 јануари 2027 година.