Експертот на СЗО, Дејвид Набаро предупредува дека новиот корона вирус нема да исчезне бргу. Со оглед на тоа што новиот корона вирус ќе биде присутен уште некое време, луѓето со маски веројатно ќе станат ново правило, оцени тој.

Во разговор за радио Би-би-си тој вели дека општествата мора да се приспособат и „да научат да живеат со новата реалност“.

„Овој вирус нема да си замине, не знаеме дали луѓето кои го имале ќе бидат имуни по него, и не знаеме кога ќе ја имаме вакцината“, објаснува доктор Набаро.

Тој истакнува дека носењето маски, одржувањето физичка дистанца и заштита на ранливите групи мора да стане навика бидејќи симптомите од оваа болест, колку и да се благи, треба да се сфатат сериозно.

Научници од Светската здравствена организација велат дека сѐ уште немаат доволно информации за да можат да потврдат дали оние кои веќе прележале ковид-19 се имуни и не можат повторно да заболат.

СЗО предупреди дека предвременото укинување на рестриктивните мерки може да доведе до „фатално враќање“ на епидемијата доколку мерките за изолација нагло се укинат. Шефот на СЗО, Теодос Аданом Гебриеесус, во однос на намерите на многу земји кои размислуваат за ублажување на мерките, истакна шест критериуми:

1. Преносот на вирус да се контролира;
2. Здравствениот систем да има капацитет за откривање, испитување, изолирање и лекување на секој случај и следење на секој контакт;
3. Да се минимизира ризикот од појава на вирусот во посебни услови, како што се здравствените установи и домовите за стари лица;
4. Превентивните мерки да се на сила на работни места, училишта и други места каде што е најважно луѓето да одат;
5. Да може да се управува со увезените ризици;
6. Заедниците целосно да се информирани и ангажирани да се прилагодат на „новите норми“.

Во светот заразени се близу 2 милиони, а од вирусот починаа над 120.000 лица. Сепак, бројката на оздравени е двојно поголема, над 460.000 луѓе.