fbpx

ДДВ-то за струјата падна од 18 на 5 отсто, колку ќе паднат и сметките за струја, ќе покажат пресметките на РКЕ

-

Ценовниот шок од зголемените сметки за електрична енергија што ќе важат од 1 август за домаќинствата треба значително да се ублажи поради намалувањето на стапката на данокот на додадена вредност, од 18 на 5 отсто, барем за една година. Оваа одлука ја донесе Владата на синоќешната седница, на која го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој ќе влезе во собраниска процедура.

„Според овие предлог измени, ДДВ за прометот и увозот на електричната енергија за домаќинствата, да се намали од 18 на 5 отсто за период од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022, а за период од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година даночната стапка за ДДВ за прометот и увозот на електрична енергија за домаќинствата да изнесува 10 проценти. За периодот после 1 јули 2023 година, даночната стапка да изнесува повторно 18 отсто“, соопштија од Владата, со објаснување дека целта на овие измени и дополнувања на Законот за ДДВ е со пониски цени на електричната енергија да им се помогне на домаќинствата со намалување на нивните трошоци.

Пресметките на Министерството за финансии се дека намалувањето на ДДВ-то за струја, ќе значи помали приходи во државната каса за околу 70 милиони евра годишно, а дека овој минус ќе се избаласира со ребалансот на буџетот за годинава, за што расправата треба да започне на 1 јули. Според изјава на министерот за финансии, Фатмир Бесими, од јули до крајот на оваа година, во буџетот ќе има помал прилив од 33 милиони евра, поради намалениот ДДВ за струја.

Во врска со вчерашната одлука на Владата за намалувањето на овој данок, Бесими вчера на својот фејсбук профил напиша дека: „Целта на оваа владина одлука е да им се помогне на домаќинствата во транзитниот период на либерализација на пазарот на електрична енергија и да се одржи пониска цена на струјата“.

Многу е извесно дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе даде поддршка на оваа владина одлука, ако се има предвид дека уште во мај годинава, партијата најави дека, ако не Владата, нивната пратеничка група до собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе предложи намалување на ДДВ-то за струјата од 18 на 5 отсто, со цел да се заштитат граѓаните од дополнително осиромашување. Во контекст на постојаните обвинувања на власта дека ги зголемува трошоците за граѓаните, опозицијата минатата есен повеќе пати организираше протести поради зголемувањето на цената на струјата, што се случи на 1 август лани.

Цената на електричната енергија за сите потрошувачи последен пат се зголеми на 1 август 2020 за 7,4 проценти. Тоа значеше еден киловат-час за еднотарифно броило дека чини 4,77 денари-евтина струја, а за двотарифно мерење-висика тарифа или скапа струја, 5,95 денари за квч.

Уште тогаш, од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) достави барање до Владата за намалување на ДДВ-то од 18 на 5 отсто, за да се намали  и крајната сума на сметките за струја, а беше истовремено побарано и зголемување на субвенциите за ранливите категории на граѓани, кои сега изнесуваат 1.000 денари по домаќинство.

„Намалувањето на ДДВ-то е едно од решенијата што РКЕ го понуди точно пред една година, како можност да се заштитат домаќинствата во самиот процес на либерализација на пазарот на електрична енергија. Нашите тимови кои прават сеопфатни анализи во координација со Енергетската заедница, проценија пред една година дека е неопходно да се донесат системски решенија, што освен намалување на ДДВ ќе опфатат и проширување и зајакнување на поддршката на ранливите категории во плаќањето на сметките за електрична / топлинска енергија“, изјави за Мета.мк, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тој додава дека секој потег што нуди решение за заштита на стандардот на домаќинствата во процесот на енергетска транзиција (што значи струја од вода, ветер и сонце наместо од јаглен) покажува стратешки пристап во решавање на глобалниот предизвик за намалување на штетни емисии и заштита на животната средина.

„Самиот факт дека во еден момент настана „клинч” меѓу партиите, чиј предлог е намалување на ДДВ-то од 18 отсто на 5 отсто, за нас е показател дека политичарите, без разлика дали се пратеници, министри или функционери на партии имаат доблест да слушнат стручни луѓе во областа кои нудат издржани решенија. РКЕ ќе продолжи да ги афирмира и останатите предлог решенија со цел заштита на потрошувачите”, изјави за Мета.мк Бислимоски.

А, во меѓувреме, граѓаните се во исчекување што ќе покажат најновите пресметки на РКЕ за цената на киловат-час за домаќинствата.

Според последните изјави на Бислимоски, МЕПСО побарал зголемување на цената за пренос на електрична енергија од 143 отсто, Националниот енергетски маркет оператор (НЕМО) за организирање и управување на пазарот на електрична енергија, зголемување од 45 отсто, а Електродистрибуција за 0,95 отсто на цената за дистрибуција на струја. ЕВН-Хоум доставила до РКЕ само барање за цената на маржата, бидејќи се очекува да го објави јавниот тендер за набавка на струја за до крајот на годинава. Од таа цена и најмногу ќе зависи крајната цена на струјата за домаќинствата. Конечните пресметки на РКЕ треба да завршат и да се обелоденат наскоро.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ХДЗ освои најмногу гласови на хрватските парламентарни избори, но не и мнозинство во парламентот

Владејачката партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ) освои 60 пратеничка места од можни 151 на вчерашните парламентарни избори во Хрватска, пренесува Гардијан. Ова се резултатите откако се изброија над 90...