Даштевски: Лицата што ќе се затекнат во кругот на избирачките места ќе гласаат и по 19 часот

Фото: Мета.мк, 17 октомври 2021

Поради застојот предизвикан од нефункционирање на некои од електронските читачи на отпечатоци од прст, Државната изборна комисија (ДИК), донела едногласна одлука секој што до 19 часот ќе биде во кругот на избирачкото место, вклучително и дворот на училиштата, градинките, или објектите во кои се врши гласањето, да може да го оствари своето гласачко право и по официјалниот крај на гласањето во 19 часот, сооопшти претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

„ДИК е едногласна. Ќе се продолжи гласањето за сите лица што ќе се најдат на тоа место. Но, не само на тоа место, туку и во дворот. Мора да гласаат сите. Тоа ќе биде со наше соопштение, што ќе се испрати до избирачките обори. Толку луѓе, колку што се нашле на местото, мора да гласаат“, рече Даштевски.

Тој вели дека застоите на гласачките места се и поради тоа што избирачкиот список има двојно повеќе страници, но и дел од примероците од отпечатоци од прсти што ги добиле од МВР не биле целосно читливи.

„Некои од отпечатоците се лоши, па се проверуваат дополнително. Има и анти-ковид мерки, па затоа сè се одвива подолго. Но, на сите ќе им се овозможи да гласаат“, нагласи Даштевски.

Според ДИК, до 15 часот излезноста е нешто над 31 процент на територијата на целата држава.

Поднесени се 134 приговори, од кои засега 63 се прифатени, а десет биле одбиени.

Во Ново Село имало прекин повеќе од два часа, по што гласањето продолжило по стариот начин, со спреј и УВ-ламба. Истото се случило и во Старо Нагоричане. Таму каде што техничките екипи не успеале да ги стават уредите во функција, гласањето продолжило со спреј, УВ лампа и оставање отпечаток од прст во избирачкиот список.