fbpx

Дарко Бркан: Дезинформации во БиХ шират најмалку 1.500 медиуми

-

Дарко Бркан по професија е електро-инженер, но многу повеќе е познат како претседател на граѓанската организација „Зашто не!“ од Сараево. Таа е една од најистакнатите граѓански организации од Босна и Херцеговина (БиХ), која што промовира граѓански активизам, работи на планот на транспарентноста на институциите, како и на употреба на технологиите и дигиталните медиуми во продлабочувањето на демократијата во БиХ. Бркан е претседател и член на одборите на неколку регионални организации и е водечки граѓански активист во БиХ. Кариерата ја почнал пред 19 години како координатор на кампањата за приговор на совеста, мрежа што го промоцираше приговорот на совеста во однос на служење воен рок. Со него во Скопје разговараме за состојбата со дезинформациите во БиХ, но и во регионот.

ЈАВНИОТ СЕРВИС – ГИ ШИРИ ДЕЗИНФОРМАЦИИTE ВО БИХ

Какви видови дезинформации има во Босна и Херцеговина? Кои се најчестите медиумски манипулации и дезинформации во Вашата земја? Од каде потекнуваат дезинформациите, дали тоа го прават медиумите, политичарите и кој, всушност, го пласира тоа?

– Поголемиот дел медиумски манипулации има политички карактер. Според нашите истражувања, моментно околу 60 отсто од дезинформациите во нашата база имаат политички карактер, а другите се од некакви естрадни занимливости до разноразни други, коишто се поврзани со здравјето или науката, на пример, но некаде 60 отсто од сѐ што се произведува во контекст на дезинформациите е политичко.

Е, сега, кога станува збор за медиумите, најголемиот број дезинформации го произведуваат оние што ние ги нарекуваме „анонимни портали“, значи медиумите за коишто е многу тешко да се утврди сопственичката структура, уредничката структура; па дури, во голем број случаи и местото од коешто оперираат, односно државата од којашто доаѓаат.

Но, сепак, дезинформаторите со најголем број дезинформации се генерално медиумите како што се јавните сервиси или приватните комерцијални медиуми.

Значи, јавниот сервис кај вас, исто така, е производител на дезинформации?

– Кај нас јавниот сервис, односно еден дел од јавниот сервис – Радио телевизија на Република Српска (РТРС) е убедливо најголемиот индивидуален производител на дезинформации!

Како вашето здружение се справува со дезинформациите? Кои активности ги спроведувате за справување со дезинформациите?

– Нашиот генерален, прв, примарен пристап е селектирање и дебанкирање, односно проверка на точноста на медиумските известувања и потоа објавување за кој вид медиумска манипулација станува збор…

Значи, станува збор за fact-checking (проверка на фактите)?

– Па, ете, fact-checking. Освен тоа, работиме многу и на медиумската писменост, на различни содржини коишто ги едуцираат луѓето како самите да ги проверуваат содржините. Имаме и некои дополнителни елементи коишто не се само проверка на фактите, туку повеќе се правење на некои алатки што можат да им помогнат на луѓето, па ги групираме медиумите што произведуваат најмногу дезинформации и ги правиме тие листи со чијашто помош граѓаните може да видат на кои медиуми може да им веруваат, а на кои не…

ДАТАБАЗА ОД 1.500 МЕДИУМИ ШТО ШИРАТ ДЕЗИНФОРМАЦИИ ВО БИХ

Спомена некаква база. Дали таа е произлезена од проверка на факти?

– Да, од тоа произлегува. Моментално имаме некаде околу 1.500 медиуми во базата, а тоа се, всушност, медиуми што ние ги идентификувавме во досегашната наша работа дека пласирале барем една дезинформација.

Дали политичарите се произведувачи на дезинформации? Значи, дали се случува политичар да излезе на говорница во парламентот или на прес-конференција и да почне да кажува дезинформации?

Па да. Имаме направено голем број проверки за тврдењата на политичарите. Сега, тоа не е медиумска маниупација, некако повеќе е дискурсна манипулација во политички контекст; не можеме да ги обвинуваме медиумите за пласирање дезинформации преку изјави на политичари, а од друга страна, порталот „Раскринкавање“ се занимава со она што е медиумска содржина, односно она што е потпишано од новинари или уредници на некој медиум.

Има структура на ширење на дезинформациите. Дезинформацијата обично се создава во некој опскурен медиуми, па потоа бива преземена од поголеми медиуми, па се додаваат работи, па почнуваат некои аналитичари да се зафаќаат со тоа, давајќи своевиден кредибилитет, и потоа во некој момент тој дискурс го преземаат и политичари… Или почнува обратно: Политичарот изјавува нешто и има цела машинерија што тоа го презема и го амплифицира, додава уште елементи. Дури не мора нужно изјавата на политичарот да биде дезинформативна, но дава простор за ширење дезинформации коишто на некој начин ја поткрепуваат изјавата. Така, има различни модели и ние честопати ги забележуваме тие врски помеѓу политичарите, аналитичарите и медиумите и како сето тоа функционира.

А дали владата или владите на федералните единици прават нешто на планот на борбата против дезинформациите? Еве кај нас владата има работна група, стратешки план…

– Не, кај нас не постојат активности од институциите на тоа поле.

САМОРЕГУЛАТИВАТА ИМА ПРОБЛЕМИ ВО БОРБАТА ПРОТИВ ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ

Дали се медиумските здруженија активни во борбата против дезинформациите? Прават ли нешто на тој план?

Медиумските здруженија се занимаваат со дезинформациите. Главно се обидуваат преку новинарските кругови да влијаат на намалување на нивното ширење. Постојат различни видови обиди. Потоа, тука се саморегулативните тела, коишто се, исто така, здруженија. Тие се обидуваат на некој начин… Но, во суштина, многу е тешко да се влијае на тоа однатре, затоа што користењето дезинформации е вкоренето во практиката на голем број медиуми. Мислам, како да очекувате новинарските здруженија и саморегулаторните тела сериозно да се зафатат со борбата со дезинформациите, кога во нивните собранија, управни одбори, седат медиуми што како бизнис модел имаат ширење дезинформации.

А дали имате Совет за етика, каде секој граѓанин што смета дека е оштетен може да поднесе жалба, а кога комисијата за жалби ќе донесе одлука, без разлика дали е позитивна или негативна за медиумот, тој да мора да ја објави таквата одлука?

Имаме, но тука се јавува проблемот со демантот што произлегува од жалбата во Советот за печат. Тоа е потполно небитно од аспект на спречување на дезинформациите, затоа што кога медиумот ќе го објави, тоа се случува со големо задоцнување во однос на новинскиот циклус во којшто е објавена таа примарна дезинфорамција. Таа објава добива далеку, дури неспоредливо помалку внимание, значи во суштина е потполно небитно дали тие ќе го објават тоа или не. Ние имавме медиумска кампања против нас, против мене лично, пред неколку месеци. Да речеме, одлуката на Советот за печат беше изненадувачки негативна кон нашата жалба во тој случај, но реално нам тоа не ни беше битно. Оти и да беше позитивна, не би добиле никаква сатисфакција од тоа ако таа одлука биде објавена. Генерално мислам дека нивното влијание на јавното мислење е речиси никакво од перспектива на саморегулацијата, бидејќи саморегулацијата би функционирала ако може да се примени во текот на новинскиот циклус, додека веста уште има некакво значење. Никому ништо не му вреди тоа што демантот ќе се објави два месеца подоцна.

Како е претставена Македонија во босанските медиуми? Можеш ли да се сетиш на некој пример на дезинформации за Македонија, околу Македонија?

Па, Македонија се споменува единствено од перспектива на ЕУ интеграциите. Околу приказните за името. Има некои аспекти на прелевање во контекст на дискурсот во Босна и Херцеговина. Во БиХ секако имало дезинформации сврзани со името, односите со Грција и целата таа приказна, а и сега имаше многу дезинформации, за целата приказна околу одбивањето да се даде пристап кон преговори за Македонија, Албанија, ама тоа не е македонска, тоа е регионална приказна, па е логично дека имаше продор и во Босна и Херцеговина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...