Кривичниот суд ја запре постапката против ексдиректорот на Царинската управа, Драган Даравелски, бидејќи настапила апсолутна застареност за кривичното дело, соопштија денеска од судот. Toj беше осуден за злоупотреба на службената положба во Царината во периодот од 1999 до 2002 година, за направени штети од повеќе од два милиони евра.
Како што е наведено во објавеното соопштение, судскиот совет постапувајќи по обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство, за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, донел неправосилно решение со кое кривичната постапка против него се запира поради настапување на апсолутна застареност, а пресудата со К.бр. 809/05 се укинува.
„По барање за повторување на постапката против обвинетиот Д.Д., доставено од неговиот бранител на 10 јануари годинава, за кое барање Кривичниот совет со решение КПОВ бр. 40/23 дозволи повторување на постапката, а истото решение беше потврдено од Апелациониот суд, беше формиран предмет со К.бр. 414/23 кој согласно АКМИС системот беше распределен на понатамошно постапување. Претседателот на судечкиот совет, надвор од главен претрес, констатира дека е настапена апсолутна застареност за кривичното гонење, на дело сторено во период од 2001 до 2002 година“, наведено е во соопштението.
Во него стои дека „службеното лице кое со искористување на својата службена положба или овластување ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета (став 3) ќе се казни со затвор од 1 до 10 години“.
„Согласно член 107 ст.1 од истиот Закон „кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат 10 години од извршувањето на делото“, а согласно член 108 ст.6 од истиот Закон „застареноста на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што се бара за застареност на кривично гонење“, стои во соопштението од Кривичен суд.
Драган Даравелски беше директор на Царинската управа во периодот 1999 до 2002 година. Против него беше распишана и потерница од Интерпол. Тој е еден од функционерите во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со премиерот Љубчо Георгиевски. Тој набргу по истекувањето на мандатот и првите јасно соопштени сомнежи за злоупотреби, избега во Србија. И покрај барањата за екстрадиција, не беше испорачан во земјава. На 10 јануари годинава, на Табановце, тој беше приведен.