Данската премиерка Мете Фредериксен, повика на „конструктивни“ разговори за Гренланд кои ќе го почитуваат територијалниот интегритет, откако Доналд Трамп соопшти дека ќе се откаже од заканите со царини кон државите што се спротивставуваат на неговите планови, пренесува Гардијан.
„Можеме да преговараме за сите политички прашања, безбедност, инвестиции, економија, но не можеме да преговараме за нашиот суверенитет“, изјави Фредериксен во четвртокот, откако Трамп наговести за можениот договор со кој би се надминал спорот околу територијата.
Трамп, по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека се разговарало за „рамковен модел за иднината“ по неколку недели растечки тензии и неизвесноста на НАТО алијансата.
Фредериксен изјави дека била информирана оти разговорите меѓу Трамп и Руте во Давос, Швајцарија, не вклучувале отстапки во однос на суверенитетот на Данска или на Гренланд, кој е самоуправна територија во рамки на данското кралство.
„Данска би продолжила со конструктивен дијалог со своите сојузници за зајакнување на безбедноста во Арктикот, вклучувајќи го и американскиот ракетен одбранбен систем ‘Златна купола’, но доколку тоа се прави со почитување на нашиот територијален интегритет“, рече таа.
Руте во Давос изјави дека имал „многу добар разговор“ со Трамп за тоа како земјите-членки на НАТО можат заеднички да работат на безбедноста во Арктикот, не само за Гренланд, туку и за седумте сојузнички држави кои имаат територии во тој регион.
„Една од насоките што произлегоа од вчерашните разговори е да се осигураме дека, кога станува збор за Гренланд, Кина и Русија да не добијат пристап до економијата или военото присуство таму“, рече тој.
Во средата Трамп ненадејно се повлече од заканите дека ќе користи царини како средство за притисок за преземање на Гренланд и ја исклучи употребата на сила, со што се оддалечи од агресивната реторика која со недели ја потресуваше Алијансата на НАТО и ја зголемуваше опасноста од трговска војна со Европа.
За време на викендот тој се закани дека ќе воведе царини од 10% за увоз од Данска, Франција, Германија, Шведска, Обединетото Кралство, Холандија и Финска доколку не се откажат од противењето на неговите планови за Гренланд, по што лидерите на ЕУ почнаа да размислуваат за можни контрамерки.
Трамп повеќепати изјави дека САД мора да ја преземат контролата врз територијата од „безбедносни причини“, иако САД веќе имаат воена база на островот и договор со Данска што им дозволува значително проширување на своето присуство таму.
Иако деталите за најавениот договор сè уште се нејасни, Трамп рече дека станува збор за „договор со кој сите се многу задоволни, долгорочно решение што ги става сите во добра позиција, особено кога станува збор за безбедноста и минералните ресурси“.
Лидерите на ЕУ требаше подоцна во четвртокот да се соберат во Брисел на вонреден состанок за да разговараат како да се справат со непредвидливиот американски претседател, во услови на чувство дека трансатлантските врски биле сериозно нарушени поради неговиот обид да го преземе арктичкиот остров.
