Данската електро-енергетска компанија „Орстед“ планира здружување со домашниот пензиски фонд АТП за да конкурира за проектот за финансирање и изградба на првиот енергетски остров во Северното Море, што го најави владата во Копенхаген. Вештачкиот остров ќе произведува и складира зелена енергија која ќе може да снабдува со струја три милиони европски домаќинства, пишува деловниот портал „Сибиз“. Данскиот парламент го одобри овој проект во февруари годинава.
„Енергетскиот остров во Северно Море ќе биде база за искористување на данските ресурси на ветерот од морето, кои можат значајно да придонесат за зелената транзиција на Данска“, сопштија од компанијата „Орстед“. Од таму очекуваат дека конкурсот за „зелениот остров“, кој ќе биде во мнозинска сопственост на државата, ќе се одржи следната година, а изведувачот ќе биде избран во 2023 година. Условите од конкурсот сѐ уште се подготвуваат.
Овој остров ќе се гради на западниот брег на Данска во должина од 80 километри, во почетната фаза ќе има површина колку 18 фудбалски игралишта и ќе треба да ги прими првите жители некаде во 2033 година. Тој ќе биде поврзан со стотина постојни ветерни електрани на море, ќе ги снабдува со струја домаќинствата и паралелно со тоа, ќе испoрачува и „зелен“ водород на бродарите, авиокомпаниите и компаниите за логистика. Заедно со околните ветерни електрани, островот ќе има почетна сила од 3 гигавати, а ќе чини околу 210 милијарди дански круни (33,78 милијарди долари).
„Орстед“ е најголемиот светски градител на ветерни електрани на море, со учество од околу четвртина во вкупно инсталираните капацитети во светот. Додека АТП спаѓа во најголемите европски пензиски фондови, со 890 милијарди куни вкупна вредност на пензискиот имот со кој управува.