Зоолошката градина во данскиот град Олборг побара од сопственици на миленичиња да ги донираат своите „несакани“ зајаци, морски прасиња, кокошки, па дури и мали коњи, не за изложба, туку за храна за месојадните животни во градината, објави Си-ен-ен.
Во објава на „Фејсбук“, Зоолошката градина објасни дека сака да го „имитира природниот синџир на исхрана на животните“.
„Кокошки, зајаци и морски прасиња се важен дел од исхраната на нашите месојади. На тој начин, ништо не се фрла и обезбедуваме природно однесување и исхрана“, стои во објавата покрај фотографија од рис.
На официјалната веб-страница, зоолошката наведува дека донираните животни ќе бидат „нежно еутаназирани“ од обучен персонал, пред да бидат понудени како храна.
Заменик директорката на зоолошката, Пиа Нилсен, во писмена изјава нагласи дека оваа практика е вообичаена во Данска и се спроведува веќе со години.
„Кога се чуваат месојадни животни, неопходно е да им се обезбеди месо, по можност со крзно, коски и слично за што поприродна исхрана. Затоа има смисла животни кои мора да бидат еутаназирани од различни причини, да се искористат на ваков начин“, рече Нилсен.
„Во Данска ова не е ништо ново, а многу од нашите посетители и партнери го поддржуваат процесот. Најчести донации се кокошки, зајаци, морски прасиња и коњчиња“, додаде таа.
