Данскиот министер за надворешни работи изјави дека постоjaт „суштински несогласувања“ со САД околу Гренланд по разговорите во Белата куќа, пренесува Би-Би-Си.
Ларс Леке Расмусен рече дека средбата со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, и државниот секретар Марко Рубио во средата била „отворена, но конструктивна“. Сепак, тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп инсистирал на „освојување“ на Гренланд, што, според него, е „целосно неприфатливо“.
„Многу јасно ставивме до знаење дека тоа не е во интерес на Данска“, рече Расмусен.
По средбата, Трамп повторно ја нагласи својата намера да го преземе островот богат со природни ресурси, став кој ги вознемири сојузниците низ Европа и ги зголеми тензиите со НАТО.
Едночасовната средба меѓу САД, Данска и Гренланд не донесе голем прогрес, но сите страни се согласија да формираат работна група која ќе разговара за иднината на автономната данска територија.
Расмусен рече дека постојат „црвени линии“ кои САД не смеат да ги преминат и дека работната група ќе се состане во наредните недели за да се обиде да најде компромис. Тој додаде дека Данска и Гренланд се отворени за можноста САД да отворат уште воени бази на островот.
Расмусен исто така изјави дека има „делумна вистина“ во ставот на Трамп дека безбедноста треба да се зајакне за да се спротивстави на руските и кинеските интереси на Арктикот. Но, додаде дека тврдењата на претседателот за присуство на руски и кинески воени бродови околу Гренланд „не се точни“.
Иако е слабо населен, Гренланд има стратешка локација меѓу Северна Америка и Арктикот, што го прави важен за системи за рано предупредување при ракетни напади и за следење на бродови во регионот. Трамп повеќепати изјави дека преземањето на островот е од клучно значење за националната безбедност на САД.
