Даниловски: Вакцинираниот ученик е позаштитен од невакцинираниот

Драган Даниловски, приватна архива

Дали учениците треба да одат на училиште од 1 септември, со оглед на фактот дека ковид-бројките се во пораст? Колку ќе биде безбедно децата да ги следат часовите во училишните клупи? Дали би требало децата да се вакцинираат? Овие прашања се наметнаа по најавата на Министерството за образование и наука, дека голема е веројатноста учениците да се вратат во училишните клупи во претстојната учебна година. Проф. д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет, смета дека ако и децата бидат вакцинирани, јасно е дека ќе се намали ризикот да се заразат и потоа да бидат пренесувачи на вирусот наоколу – пред сѐ, на своите домашни.

Јасно е дека наставата во живо има извонредно значење за децата, не само заради квалитетот на наставата, туку и заради нивно социјализирање. Факт е дека децата ни „подивеа“. Инаку, прашањето има многузначен одговор. Во принцип, ако и децата бидат вакцинирани, јасно е дека ќе се намали ризикот да се заразат и потоа да бидат пренесувачи на вирусот наоколу, пред сѐ, на своите домашни. Од друга страна, децата и ако би се заразиле, болеста би ја поминале лесно. Но, сепак ќе претставуваат извори на зараза, вели епидемиологот за „Мета“.

Ако моментот на пренесување на вирусот го тргнеме настрана, додава тој, сепак, апсолутно приоритетно би требало да се вакцинираат децата со одредени хронични заболувања, поради кои би биле под зголемен ризик кога би добиле ковид.

Има тука еден друг, етички проблем. Наспроти фактот дека децата значајно учествуваат како пренесувачи на вирусот, јас сепак сум на мислење дека, најнапред треба сите возрасни да се вакцинираат со две дози, па дури тогаш децата. Се разбира, доброволно. Тука ги вбројувам и родителите на децата. Се разбира, секој родител треба сам да си одлучи за своето дете. Факт е дека вакцинирано дете е позаштитено од невакцинирано, додава Даниловски.

Единствена вакцина која е одобрена за деца постари од 12 години е онаа на Фајзер, нагласува професорот.

Лично мислам дека за нив е доволна некоја со инаквивирани вируси,- како што се кинеските, ама тоа е само мое скромно лично мислење. Нема засега кинеска вакцина одобрена за помлади од 18 години. За деца од 6 до 12 години кои не подлежат на вакцинација против ковид, Американците разгледуваат опција тие да се тестираат со брзи антигенски тестови еднаш неделно, а задолжително да им бидат вакцинирани родителите и други членови на семејството. За наставниците, се разбира дека мораат сите до еден да бидат вакцинирани, потенцира Даниловски.

МОН вчера соопшти дека системот за образование е подготвен за три сценарија кои се усвоени на владина седница.

Првото за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021 која што се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање. Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести, соопштија оттаму.