Потребен е детален инженерски преглед на целиот водоводен систем во Гостивар за да може точно да се утврди коренот на проблемот, бидејќи повторуваното хиперхлорирање на водата нема да го реши трајно проблемот, вели за Мета проф. д-р Драган Даниовски, за проблемот кој веќе 20 дена го имаат Гостиварци со водата за пиење. Според него, ако бактериите кои веќе таму ги има, pseudomonas aeruginosa и proteus mirabilis, се заштитени во биофилмот или ако во системот има активен извор на контаминација, повторуваното хиперхлорирање само по себе, не e решение.
„Последните лабораториски наоди укажуваат дека покрај Pseudomonas aeruginosa, во анализите на водата е детектирана и Proteus mirabilis. Во оваа фаза е од клучно значење испитувањата да продолжат без прекин, сè додека целосно не ги разјасниме причините за оваа микробиолошка појава во водоводниот систем. Pseudomonas aeruginosa е широко распространета во природата и природно се наоѓа во почвата, водата и во различни влажни средини. Таа никако не е исклучиво „болничка бактерија“, иако во болниците е добро позната бидејќи може да предизвика сериозни компликации кај тешко болните пациенти и лица со значително ослабен имунитет. Кај здравите луѓе, внесувањето на мали количини преку водата вообичаено не претставува никаков здравствен ризик, бидејќи имунитетот лесно се справува со неа. Поголема претпазливост е потребна само кај лица со тешко нарушен имунитет, луѓе со големи изгореници, со цистична фиброза или слични состојби кои ја намалуваат отпорноста на организмот“, појаснува Даниловски, кој додава дека бактеријата proteus mirabilis e најпозната како причинител на инфекции на уринарниот тракт.
Според него, многу поважно е да се открие зошто тие воопшто се појавуваат во водоводниот систем и кој е точниот механизам што им овозможува да преживеат или постојано да се враќаат.
„Кога бактериите упорно се појавуваат во мрежата, тоа е сигурен знак дека некаде во внатрешноста има соодветни услови за нивно опстојување. Главен причинител за ова најчесто е создавањето на биофилм, односно тенок и леплив слој од микроорганизми кој цврсто се прилепува за самите цевки. Во овој заштитен слој, бактериите стануваат исклучително отпорни дури и на силни средства за дезинфекција“, потенцира професорот.
Даниловски смета дека вистинскиот пат до стабилна микробиолошка безбедност на водата води преку целосна санација на самиот извор на загадувањето, проследена со повторувани микробиолошки контроли.

Водата од водоводот во Гостивар останува небезбедна за пиење, но и за капење и миење. Деновиве имаше контрадикторни изјави од надлежните околу безбедноста, со оглед на тоа дека прво, на 27 јули, министерот за внатрешни работи и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Панче Тошковски, кажа дека водата е безбедна да се користи како техничка. Неколку дена потоа, Стојанче Ангелов директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, кажа дека во водата има бактерија pseudomonas aeruginosa која предизвикува инфекции на кожата, очите и на ушите.
Инаку, професорот Никола Пановски за Мета кажа дека според негови проценки, проблемот со водата во Гостивар може да трае уште долго, а проблем според него е и тоа што нестручни лица коментираат за конкретниот случај.
„Има 4 категории на техничка вода, а оваа од која категорија е, не знаеме. Има техничка вода која е за полевање, некоја е за капење. Зошто е забранета за готвење? Од друга страна, самиот хлор може да направи беља, тој е отров за бактерии, но ако се користи многу, може да направи проблем и на човечкиот организам. Непознато е дали имало Гостиварци кои се болни од жолтица во јули месец, непознат е причинителот на епидемијата со оглед на тоа дека не се испитуваше фецес од заболените или можеби испитуваа, но не ги кажаа резултаите. Имаме повеќе од 50 специјалисти за хигиена, околу 80 микробилози и 70 епидемилози, вработени во државни установи и тие треба да го решаваат проблемот, бидејќи тие се стручни“, рече Пановски.
На 17 јули Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за пиење на водата во Гостивар бидејќи беа откриени пумпи кои директно вбризгуваа отпадни води во водоводниот систем. Инспекторите на АХВ тогаш излегоа на терен заедно со полицијата по зголемен број на пријави од граѓаните за стомачни тегоби.
Неколку дена подоцна директорката на ЈП Комуналец од Гостивар и уште двајца вработени беа приведени и против нив беше започната истрага за загадување на водата во Гостивар. Тие се сомничат дека со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода општина Гостивар и дел од околните села. Тројцата осомничени на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата.
