Екстремните климатски и временски услови како што се суши, топлотни бранови, поплави и врнежи се интензивираат ширум светот, a тие обезбедуваат поволни услови за размножување на комарците и би можеле да помогнат во ширењето на вируси на поголеми географски ширини и надморски висини, предупредува епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски во Фејсбук статус, според кој, комарците се смртоносни инсекти. Тој повикува на преземање мерки, меѓу кои и имплементирање системи за следење на популациите на комарци, рано идентификување на епидемии на болести и евалуација на ефикасноста на мерките за контрола.

„Најагресивниот вид, „азискиот тигрест комарец“ (Aedes albopictus) галопира со „чекори од седум милји“, освојувајќи територии, уште од 2016 година (кога прв пат е идентификуван кај нас). Нашиот дамнешен „сожител“, домашниот комарец (Culex pipiens) ја изгуби трката. На југот од земјата може да се сретне и маларичниот комарец Anopheles (sacharovi). Но, не се толку проблем здодевните убоди. Проблем е што некои единки може да налетаат на болни луѓе од одредени болести, чии причинители (вируси, паразити) наоѓаат привремен „дом” во утробата на комарците, чекајќи нивниот домаќин да касне нова жртва (човек, животно или птица) и да ги пренесе во нивен нов резервоар. Секој тип од „крвопијците” си има посебен афинитет кон одредени причинители на заразни болести: „Летечкиот тигар” – денга, чикунгуња, зика. Домашниот кулекс – Западно-нилска треска. Маларичниот комарец – маларија. Ризиците од Западно-нилска треска се реални. Ја има во соседните држави. Имаше и кај нас два случаи минатата година (2024)“, пишува проф. Даниловски.

Има ризици од денга, зика и маларија оти луѓето патуваат на егзотични места

Ризиците, пак, од денга, чикунгуња, зика и маларија, исто така се големи, според професорот, зашто луѓето патуваат сѐ повеќе и на егзотични дестинации, каде што овие болести се ендемски.

„Ни оддалеку не е доволно само да се спроведе рутинска дезинсекција (од воздух и од земја, т.н. терестрична) и не е доволно да се извести јавноста со штура објава во јавните гласила. Никогаш не се уништува целата популација комарци. Па, макар се прскало и неколку пати во една сезона. Што значи, ризиците по здравјето се редуцираат, но и понатаму се присутни. И тие ризици ќе бидат сѐ поприсутни. Со затоплување на планетата, односно климатските промени, ќе се продолжува сезоната на комарци“, предупредува Даниловски.

Потребна е подготовка на системот за превенција и благовремена реакција на можни предизвици и тоа не треба да бидат формални, површни и некоординирани потези.

„Потребен е нов пристап координиран, системски, долгорочен и холистички, потребн е нова парадигма наречена „Едно здравје“ (One Health approach, One Health paradigm), која ја препознава меѓусебната поврзаност помеѓу здравјето на луѓето, здравјето на животните и животната средина. Таа ја нагласува меѓузависноста на трите области, односно здравјето на една област е тесно поврзано со здравјето на другата“, предлага Даниловски.

Според него, во контекст на болестите што се пренесуваат преку комарци, примената на концептот „Едно здравје“ е важна поради сложените интеракции меѓу комарците, луѓето, животните и животната средина во пренесувањето и контролата на овие болести. Овој пристап претпоставува соработка меѓу различни засегнати страни (главните „играчи“) – стручњаците за јавно здравје, ветеринарите, екологистите, креаторите на политики и локалните заедници.

Што да се преземе? 

Клучните елементи на пристапот „Едно здравје“ за контрола на комарци, според професорот, се следните – намалување на местата за размножување на комарците со елиминирање на застоените води, подобрување на санитарните услови и ефикасно управување со отпадот (управување со животната средина), потоа, користење на природни предатори или патогени микроорганизми на комарците, како што се ларви од риби или бактерии (Wolbachia, Bacillus thuringiensis israelensis) како алтернативи на хемиските инсектициди (биолошка контрола), како и комбинирање на различни методи за контрола, вклучувајќи управување со животната средина, биолошка контрола и хемиска контрола (кога тоа е потребно и со одговорна употреба), за да се постигне одржливо и ефикасно намалување на популацијата на комарци (интегрирано управување со вектори).

„Освен тоа потребно е и да се имплементираат системи за следење на популациите на комарци, рано идентификување на епидемии на болести и евалуација на ефикасноста на мерките за контрола (надзор и мониторинг), како и едукација на јавноста за болестите што се пренесуваат преку комарци, промовирање на лични заштитни мерки (како што се употреба на репеленти, мрежи за кревети, комарници на прозорците) и поттикнување на учеството на заедницата во напорите за контрола. Во овој сегмент, матичните доктори имаат незаменлива улога. Тие се најблиску до граѓаните, ја уживаат нивната доверба и можат директно да ги едуцираат за тоа, како да се заштитат од убоди, како да ги намалат местата за размножување на комарци во својата околина, кога е време да побараат медицинска помош при појава на симптоми“, вели Даниловски.

Да соработуваат здравствените установи и ветеринарниот сектор 

Според него, неопходно е и да се поттикне соработката помеѓу јавно здравствените установи, ветеринарниот сектор, секторот за животна средина и други релевантни сектори (меѓусекторска соработка), како и да се препознае дека животните можат да послужат како резервоари за некои болести што се пренесуваат преку комарци и спроведување стратегии за управување со интеракциите меѓу комарците и животните, како што е третирање на добитокот со инсектициди.

„Колку елементи од погоре набројаните кај нас функционираат? За почеток, барем да изработиме Програма за справување со болестите што се пренесуваат со комарци и други вектори со јасно дефинирани улоги и одговорности“, додава Даниловски.

Мета неодамна пишуваше дека четири случаи на болеста лајшманиоза и еден случај на болеста денга се евидентирани во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Лајшманиозата ја пренесуваат песочни мушички, а болеста се карактеризира со рани кои тешко зараснуваат, треска, губење на тежина, анемија, зголемен црн дроб и слезина. Денга, пак, пренесуваат комарци, а симптоми на болеста се висока температура и болка зад очите. Симптомите за ова болест се слични на грип и може да се појават од 3 до 14 дена по убодот.

Пишувавме и за тоа дека новите енергетски трендови, како и сé позагрижувачката состојба со климатските промени, односно глобалното затоплување, доведуваат до можност за интензивно распространување на заразни заболувања во географски предели каде досега не биле регистрирани – нешто на што предупреди асс. д-р Драган Кочински, специјалист епидемиолог во Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институт за јавно здравје.

Вектор-преносливите заболувања претставуваат голема закана за здравјето на луѓето ширум светот. За тоа, колку случаи се регистрираат кај нас, за превенцијата, но и за симптомите на овие болести, во ова интервју зборуваме токму со асс. д-р Кочински.

Мета објави и дека во тековната година, односно во период од седум месеци, во земјава се регистрирани пет случаи на лајмска болест (lyme borreliosis), од кои три се евидентирани во јули, а еден во јуни и еден во април. Сите заболени лица се од Скопје. За споредба, лани за цела календарска година имало два случаи – еден во Гевгелија и еден во Тетово. Лајмската болест се пренесува преку убод на заразен крлеж – најчесто од родот Ixodes (во Европа често Ixodes ricinus). Раните симптоми, кои се појавуваат во рок од неколку дена до недели по каснувањето, вклучуваат карактеристичен кружен осип наречен еритема мигранс, треска, главоболка, замор и болки во мускулите или зглобовите. Доколку не се лекува, Лајмската болест може да напредува и да ги зафати зглобовите, срцето и нервниот систем, што доведува до потешки симптоми.