fbpx

Даниел Бер: Неуспехот на Договорот од Пржино ги доведува во прашање изборите

-

Неуспехот од спроведувањето на потребните реформи го доведува во прашање одржувањето на предвремените парламентарни избори закажни за април следната година, изјави амбасадорот на Соединетите Американски Држави во постојаниот Совет на ОБСЕ во Виена, Даниел Бер, во своето обраќање пред Советот.

Тој истаканува дека САД се загрижени од тоа што партиите го испуштиле крајниот рок на 20 октомври да постигнат договор за формирање преодна влада, како и за законите за заштита на свиркачите и за заштита на приватноста.

„САД внимателно ги следат тековните напори на Македонија за спроведување на политичкиот договор помеѓу главните партии, познат како Договор од Пржино. Почитувањето на договорот претставува најдобар пат на Македонија да излезе од сегашната политичка криза. Откритијата што произлегоа од незаконските снимки ја заголемуваат загриженоста за можни изборни измами, за манипулации со медиумите и за корупција, што укажува на неуспехот да се придржуваат до обврските на ОБСЕ во Македонија“, вели Бер.

Според амбасадарот на САД во ОБСЕ, на специјалниот обвинител мора да му се обезбедат средства за работа, а политичките партии не треба да се обидуваат да влијаат или да ја попречуваат специјалната обвинителка во нејзината работа.

Преку целосно имплементирање на законот за специјален обвинител, порачува Бер, лидерите на политичките партии ќе покажат пред граѓаните дека се свесни за потребата од целосна истрага за наводите за залоупотреби што се обелоденија по објавување на прислушуваните материјали.

„Паралелно со криминалистичката истрага, парламентарната комисија треба да спроведе целосна и транспарентна истрага за утврдување на околностите во оваа наводна злоупотреба и да спроведе реформи за да се спречи слична ваква ситуација во иднина“, истакнал Бер.

Тој го повика политичкото раководство во земјава да се воздржи од ограничување на слободата на изразување.

„Иако се истакнува важноста на правото на приватност, го повикуваме политичко раководство да се воздржи од воведување ограничувања на слободата на изразување кои се во спротивност со заложбите на ОБСЕ“ вели Бер.

Според Бер, и покрај тоа што партиите направиле напредок во договорот за изборни реформи, нивното спроведување бара итно зајакнување на капацитетите на Државната изборна комисија (ДИК).

„Нема време за одолжување, особено во вработувањето на кадрите што се многу потребни. Исто така, треба да постапат по претходните препораки на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) за да се обезбедат еднакви услови за избори. Неуспехот од спроведување на овие реформи доведува во прашање дали воопшто ќе се создадат услови за избори во април 2016 година. Се надеваме дека ОДИХР ќе испрати тим за предизборен надзор во Македонија, во ноември“, истакна Бер, додавајќи дека во време на многу надворешни предизвици, како што се напливот на бегалци и миграцијата, насилен екстремизам и нерешениот проблем со името, не смее да се зголемува внатрешниот конфликт во Македонија, туку дека „сега е време лидерите да соработуваат за земјата да оди напред“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...