fbpx

Дамира Грегорет: Во Хрватска немаме голем проблем со дезинформациите, туку со искривувањето на фактите

-

Новинарката на РТЛ Хрватска, Дамира Грегорет, чија специјалност е политиката, работи како известувач, водител на вести и политички емисии. Не така одамна доби и извинување од премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој наместо да ѝ одговори на прашањето што не му се допадна, само констатираше „Слатка си, Дамира“. Потоа следеше јавно извинување до Грегорет.

Со неа разговаравме за медиумската ситуација во Хрватска и лажните вести, особено сега, пред претседателските избори, за улогата на медиумските здруженија, кои речиси ги снема од јавноста, како и за дигиталните медиуми, кои полека го преземаат приматот.

Дали јавноста знае да препознае лажни вести и колку често ги има во хрватските медиуми?

– Во последните пет – шест години имаме проблем со распознавањето на дезинформациите, лажните вести. И самата понекогаш не сум сигурна како да ги наречам тие вести, односно, дали секоја информација, која новинарот ја пренел поради незнаење или недоволна информираност, е лажна вести или само дезинформација. А, од друга страна, е јасно дека лажната вест е нешто што се пушта намерно.

Кој е главниот извор на лажните вести?

Би рекла дека ние во Хрватска немаме голем проблем со лажните вести, барем во овие мејнстрим медиуми, но постои, на оние крајни делови од спектарот, малку лево, малку десно, своевидно искривување на фактите, кое исто така, може да се карактеризира како лажни вести. И тоа е нешто што досега нема земено замав, бидејќи мејнстрим медиумите во Хрватска, би рекла, на среќа, сè уште држат примат, но секако тоа треба да се детектира, на тоа да се реагира, прашање е само како. Мене ме загрижуваат податоците за Србија, бидејќи е неверојатно како една таква држава се довела во ваква ситуација. Прашањето е можеби на таа заедничка синергија, односно колегијалноста, која не мора нужно  да биде во рамките на границите на една држава. Новинарите би требало повеќе да поведат сметка и, на крајот на краиштата, да се информираат што повеќе инстанци, па и Европската Комисија.

Која е главната тема за која се врзуваат лажните вести?

– Мигрантите, секако, но пак ќе кажам од работ на спектарот, каде се преувеличуваа бројките на мигранти, а од друга страна се предупредуваше дека мигрантите се агресивни, што, секако, во некои ситуации може да се случи. Меѓутоа, треба да се внимава на таа позитивна дискриминација како новинар, односно на необјавување на секоја вест, која може да доведе до омраза, во овој случај, на таа основа.

Се сеќавам на текстот во кој се споменуваше дека мигрантите ограбиле неколку куќи, по што утредента стигна информација од полицијата дека се работи за само една куќа и дека не ја ограбиле мигранти. Така што, стравот од мигрантите, кој се прошири  низ Европа, е присутен и овде и се користи за креирање лажни вести.

Има ли реакции од граѓаните, општеството, публиката, институциите…

-Тешко ми е да кажам низ бројки и факти како кој на тоа реагира. Мислам дека дури луѓето се склони кон тоа да поверуваат на тој вид на лажни вести, бидејќи така е поедноставно, луѓето се чувствуваат посигурни внатре, во својата држава кога ќе ги нема тие, тн. „странци“, кои им го нарушуваат редот. Но, мислам дека треба да постои одговорност на медиумите и дека медиумите се тие кои треба појасно да се постават и да ги отстранат тие стравови. Секако, не со неинформирање, туку само да им објаснат на луѓето како во целата таа ситуација треба, сепак, да се биде човек. Да се пристапи од хуманата страна.

Како е тоа законски регулирано во Хрватска, има ли посебни закони кои се однесуваат на говор на омраза, лажни вести…?

– Се зборува за тоа, иако тешко ми е да замислам како би се регулирало. Сигурна сум дека треба и може да се најде начин. Постои новинарски кодекс кој не носи со себе никакви санкции. Хрватското новинарско здружение е активно на ова поле, но, само како своевидна поддршка. Секогаш може подобро во борбата против лажните вести и говорот на омраза, но не е нешто алармантно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...