Двајца шпански археолози ја оспоруваат новата теорија на американски астрофизичар за причините за изчезнување на неандерталците, автохтоните европски праисториски луѓе.

Уште од откривањето на фосилните остатоци на homo neanderthalensis во XIX век, денешните луѓе се прашувале зошто исчезнале нашите еволутивни „братучеди“. Tие претходно стотици илјади години ја населувале Европа и делови од Западна Азија, опстојувајќи во неверојатно тешки услови.

Астрофизичарот Агнит Мукопадјај од Универзитетот во Мичиген предизвика дебата во научните кругови со хипотеза дека неандерталците биле истребени заради тоа што не можеле да го издржат зголеменото космичко зрачење до кое дошло поради промена во интензитетот на Земјиното магнетно поле, пред околу 41.000 години.

Тој оваа хипотеза ја oбјавил во научен труд во списанието Sciencе Advances, подготвен заедно со уште седум научници од целиот свет, меѓу кои е македонско-германската експертка за геомагнетизам Сања Пановска. При тоа тие користеле иновативни тридимензионални модели на геопросторниот систем на нашата планета.

Магнетното поле на Земјата одбива дел од штетното космичко и ултравиолетово зрачење од Сонцето. Научниците од тимот на Мукопадјај, кој е инаку експерт за плазма, ја поврзале од претходно познатата промена на магнетното поле наречена Настанот Лашамп со претпоставено влошување на животните услови. Научниците што го испитуваат геомагнетизмот утврдиле дека се случила пред околу 41.000 години, во тек на последното Ледено Доба.

Неандерталците живееле во делови на Европа и Азија до пред околу 40.000 години, по што наводно исчезнале. Тие опстојувале истовремено со други праисториски популации, меѓу кои и предците на денешните луѓе кои постепено се доселувале од Африка. Иако било студено, според новата студија, тие биле изложени на зголемено штетно сончево зрачење кое доведува до рак и генетски пореметувања, што при што преживеале оние групи кои имале подобра заштита од Сонцето.

Жена од племето Химба од Намибија обоена со црвен окер. Фото: Ив Пик (Ives Picq), преку Википедија, CC BY-SA 3.0.

Наводно, предците на денешните homo sapiens кои дошле од Африка во Европа имале понапредна технологија за шиење облека која го прекривала целото тело, користеле заштита од Сонцето со мачкање со црвена глина наречена окер, а биле позаштитени затоа што се криеле во пештери.

Окерот во улога на своевиден „крем за Сонце“ се користи од некои африкански народи до денешен ден.

Шпанските археолози специјализирани за праисторијата, Хозе-Мигуел Техеро и Монсерат Санз Борас од Универзитетот во Барселона во напис на научно-популарниот сајт The Conversation ja оспоруваат валидноста на аргументите на Мукопадјај и тимот.

Според нив, иако за разлика од праисториските homo sapiens, не се најдени докази дека неандерталците користеле игла и конец, археолозите сепак сметаат дека тие морале да имаат начин како да ги обвиткаат облеките околу телото, за да ги преживеат условите на вечни зими. На пример, можеле да користат копчи или некој вид штипки од дрво или коска, или взување врвки и јазли. Утврдено е и дека неандерталците штавеле животински кожи, односно дека можеле да создаваат облека на многу пософистициран начин од просто наметнување со крзна.

Шпанските археолози потсетуваат дека се најдени докази дека и неандерталците користеле окер за мачкање на телото, се претпоставува и во ритуални цели, а и дека обата вида праисториски луѓе живееле и во пештери, понекогаш наизменично.

Техеро и Санз Борас исто така сметаат дека европските неандерталци не биле истребени ни преку некој вид праисториски геноцид од бранот мигранти од Африка, туку едноставно е многу поверојатно дека ги апсорбирале популациите на дојденци кои се вкрстувале со нив. Аргумент за оваа теза е дека денешните Европејци имаат до 2% гени со неандерталско потекло.