fbpx

Дали само учениците ќе се офајдат од набавката на 300.000 таблети?

-

По проектот „Компјутер за секое дете“, основните и средните училиште од следната година ќе се подноват со „таблет-компјутери за секое дете“, информираше заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

„Компјутер за секое дете“ мина со многу контроверзии и сомнежи за набавките на опремата, а до ден-денес не е познато колку точно пари чинеше проектот. Опозицијата обвини дека од  првичниот проект од 8,5 милиони евра, достигнал 24 милиони евра

Неговиот наследник, проектот „Таблет за секое дете“, е предвиден и во „Проверено“, изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за 2014-2018 година.

„Ќе продолжиме да ја осовременуваме наставата за нашите ученици, преку набавка на нови 300.000 таблет-компјутери (со тастатура) за сите ученици во основно и во средно образование. На тој начин, ќе се обноват компјутерите за учениците и ќе се овозможи внесување нови дигитални содржини, кои ќе овозможат посовремен и поактивен пристап во совладувањето на наставата. Тоа ќе придонесе за подобар квалитет на образовниот процес и за подобри резултати на македонските ученици“, се вели во „Проверено“.

Во програмата се вели дека во 2016 година ќе бидат набавени таблети за учениците во средно образование, во 2017 година за учениците од шесто до девето одделени, а во 2018 година за учениците од прво до петто одделение во основното образование. Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на Република Македонија.

– Планирани се околу 150 милиони денари. Планирано е да има многу поголема индивидуална одговорност, за секое училиште, за секој менаџмент на училиштето и, нормално, да има одговорност и за оној што го користи таблетот – рече Спиро Ристовски.

Овој проект го најави премиерот Никола Груевски на митинг во Тетово, во предизборната кампања во април минатата година.

– Предвидена е постепена четиригодишна замена на постојните компјутери, кои полека застаруваат. Копмјутерот е такво нешто што за шест-седум години почнува да застарува. Ова ќе бидат таблети со тастатура и ќе бидат многу помодерни, во согласност со времето во кое живееме – рече Груевски во Тетово.

Владиниот проект „Компјутер за секое дете“ се темелеше на Националната програма за развој на образованието (2005-2015 година). Во овој проект планирано беше да се обезбедат 17.818 персонални компјутери, 98.710 ЛЦД-монитори, 98.710 тастатури, глувчиња и 80.892 тин-клиенти за основните и за средните училишта.

Сè уште е непознато точно колку пари ја чинеше државата овој проект, ниту што ќе се случи со компјутерите што веќе се користат и се застарени.

Пред неколку години, од опозицијата обвинија дека првичниот проект од 8,5 милиони евра, достигнал 24 милиони евра.

– Првичниот проект за набавка на 100.000 компјутери беше замислен да чини 8,5 милиони евра, за на крај да дојде до 24 милиони евра. Беше распишан оглас за набавки без претходно да се обезбедат електрична и телекомуникациска инфраструктура во училиштата. Плус пари се добија од Телеком со ТК- инфраструктура, од ЕВН за струјата, а како врв на сè, ЈП „Македонска радиодифузија“ распиша оглас за комуникациска инфраструктура иако таа нема никаква врска со тоа – рече Јани Макрадули од СДСМ.

Во врска со изјавата на Макрадули дека за 8,2 милиони евра може да се набават 100.000 компјутери, Ивановски рече дека „со таа математика“ еден компјутер би чинел 82 евра.

– Ако Макрадули може да набави компјутер за 82 евра, секоја чест – рече Ивановски.

Според истражувањето, објавено во книгата на Сашо Ордановски „Заробена демократија- Развој на сопственичката структура на медиумите во Република Македонија“ (2012 година), Владата во 2009 година, преку Министерството за информатичко општество, со тендер набавила лаптоп-компјутери за учениците до трето одделение и за наставничкиот кадар.

Станува збор за 55.000 лаптоп-комјутери набавени од српската фирма „Комтрејд груп“ за сума од 11,7 милиони евра, односно 213 евра од парче.

Сопственик на фирмата, „Комтрејд груп“ е српскиот тајкун Веселин Јевросимовиќ, кој некои го нарекуваат „српскиот Бил Гејтс“. Фирмата ја основал во 1996 година.

Како што пишува Ордановски во „Заробена демократија“, Јевросимовиќ бил во одлични деловни контакти со Жарко Луковски, инаку близок пријател на Орце Камчев и на директорот на Упрвата за безбедност и контраразунвање (УБК), Сашо Мијалков, прв братучед на премиерот Никола Груевски.

Луковски по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во 2006 година, беше поставен за член на Одборот на директори на „Македонски телеком“, а наскоро потоа и за претседател на тој одбор и за извршен директор на најголемиот мобилен оператор во Македонија „Т-мобиле“, фирми на кои Јевросимовиќ во изминатите години им продава телефонски апарати и ИТ-опрема. Индикативно, приватната компанија на Луковски со која работел пред да стане директор во „Македонски телеком“, се вика „Комтрејд њу технолоџис лимитед“, слично на компанијата „Комтрејд“ на Јевросимовиќ.

Според пишувањето на медиумите (истражувачка сторија на новинари од редакциите на „Нова ТВ“ и на „Фокус“, објавено во февруари 2014 година), Веселин Јевросимовиќ, преку фирмата „Интернет груп ДОО“, е сопственик на една третина од „Графички центар“, фирмата која ги печати изданијата на МПМ, а со тоа и на порталот „Телеграф.мк“.

Српскиот тајкун Јевросимовиќ е сопственик и на телевизијата „Алфа“, која ја купи од Штерјо Наков.

Во март 2013 година, на домот на Јевросимовиќ, во Белград, беа фрлени две бомби кои експлодираа, но освен материјалната штета, за среќа, никој не беше повреден.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...