До 12 октомври, кога најрано треба да се распушти Собранието заради изборите на 11 декември, остануваат 14 работни дена, во кои треба да се запазат сите законски рокови за донесување на новиот буџет за 2017 година, кој изнесува 3,3 милијарди евра.

Предлог-буџетот за 2017 година, Владата до Собрание го достави на 20 септември, а според Законот за буџет, по доставата на предлог-буџетот во Собрание тој се става на пленарна седница по најмалку 20 работни дена.

Од 20 септември, откако предлог-буџетот влезе во собраниска процедура, до 12 октомври, кога најдоцна треба да се изгласа поради распуштањето на Собранието, има само 16 работни денови, со што не може да се запази законскиот рок од минимум 20 дена предвиден со собранискиот деловник.

Во рок од пет до десет дена од влегувањето во Собранието, предлог-буџетот се доставува на Комисијата за финансирање и буџет, која го разгледува максиумум 10 дена.

По комисиската расправа, предлог-буџетот со извештај се враќа до Владата. Доколку има измени и дополнувања, се остава рок од три дена за амандмани на дополнетиот предлог.

Според деловникот на Собранието, буџетот на пленарна седница се разгледува максимум пет дена.

Оттаму, ако максимално се испочитуваат сите рокови, нема да се стигне на овој собраниски состав да се усвои буџетот, но секогаш постои можност Владата и владејачкото мнозинство да го забрзаат процесот.

Во однос на запазувањето на законските рокови, министерот за финансии Кирил Миноски истакна дека работа на Министерството за финансии е да го достави предлог-буџетот до Влада, а потоа целата процедура се остава на Собранието.

Опозицискиот СДСМ засега не најавува никаква стратегија во врска со донесувањето на буџетот, освен соопштението дека ако тој биде донесен, кога ќе формираат влада, ќе направат ревизија на овој стратешки финансиски документ.