Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.
Познатиот портал за проверка на фактите polygraph.info анализира едно тврдење на министерот за внатрешни работи на Катар во врска со мобилната апликација EHTERAZ, која е наменета за жителите на Катар.
„EHTERAZ е сигурна смарт апликација на којашто може да се следи најновиот развој на настаните со ковид-19 корона вирусот во Катар“, порача катарскиот министер на Google Play на 24 јуни.
Во мај, катарската влада го направи задолжително инсталирањето на оваа апликација, за да се следи појавата на нови случаи, преку користење ГПС и Блутут. Исто така, апликацијата на корисниците им дава информации за болеста, вирусот и развојот на ситуацијата. Доколку не се инсталира апликацијата, предвидени се казни од 55.000 долари и до три години затвор.
EHTERAZ бара корисниците да го внесат својот матичен број, а досега е симната повеќе од милион пати.
Развивачите ја опишуваат апликацијата како „В(н)аша сигурна апликација што овозможува да се следи најновиот развој на настаните со ковид-19 корона вирусот во Катар“. Но, ваквото тврдење е манипулирачко, исто како во случајот со исти вакви апликации во други земји, пишува polygraph.info.
Во извештај од 16 јуни, Amnesty International Security Lab (Безбедносната лабораторија на Амнести Интернешенел) ја сврсти EHTERAZ во апликациите нарачани од разни влади за следење контакти „што се најопасни за приватноста“.
Една друга поранешна студија на истата лабораторија ја критикуваше катарската апликација за „сериозен безбедносносен дефект и незаштитување на личните податоци собрани преку апликацијата и складирани на централен сервер“.
„Amnesty International’s Security Lab успеа да допре до чувствителни информации, вклучувајќи имиња на луѓе, здравствен статус и ГПС координати на локацијата на која се во самоизолација, бидејќи централниот сервер немаше безбедносни мерки за заштита на овие податоци“, извести лабораторијата на 26 мај.
Амнести Интернешенел извести дека властите на Катар бргу го поправиле дефектот, откако организацијата ги известила за проблемот. Министерството за внатрешни работи ја опишува најновата надоградба на EHTERAZ од 24 јуни како „поправање помали грешки и подобрување“. Но „Амнести“ вели дека апликацијата сепак не ги задоволува критериумите.
Поправките не ја отстраниле опцијата што овозможува масовно следење, и апликацијата овозможува да се активира локациско следење во реално време на некој поединец, вели лабораторијата на Амнести Интернешенел.
American Civil Liberties Union (Американската унија за граѓански права) порачува дека апликациите за следење на корона вирусот, без разлика дали се развиени од влади или од приватни компании, како Гугл и Епл, треба да задоволат пет „минимални“ предуслови: согласност од корисникот, ограничувања на употребата, минимално прибирање податоци и уништување на податоците кога ќе престане користењето, како и транспарентност за тоа кои податоци се собираат и како собраните податоци се складираат и користат, како и уништување по крајот на пандемијата.
Дополнително, и Масачусетскиот институт за технологија (МИТ), направи список на 25 апликации создадени од влади за следење на ковид-19. Според МИТ, нивниот COVID Tracing Tracker ги дава деталите за секој обид за автоматско следење на контактите низ светот. МИТ вели дека речиси сите апликации за ковид-19 на нивната листа крши барем едно или сите правила наведени од Американската унија за граѓански права. Лабораторијата на Амнести Интернешенел идентификувала десетици влади од светот со алатки за ковид-19 коишто овозможувааа „обемно и инвазивно следење“.
Меѓу нив се Кина, која со својата алатка сака да ја зголеми својата контрола врз граѓаните, Бахреин и Норвешка користеле централизирано следење, па Норвешка откако била исконтактирана од Амнести интернешенел ја стопирала апликацијата, а во средината на јуни, по забележите од Агенцијата за заштита на податоците дека податоците на корисниците се закачуваат на сервер, прекинала со таа практика и ги избришала податоците. Слични забелешки како за Кина се даваат за Иран и Турција.