На Советот за општи работи на Европската унија одржан на 13 декември министрите расправаа и за транспарентноста и политичкото рекламирање и го утврдија нивниот став пред преговорите за ова прашање со Европскиот парламент. Точката не предизвика многу внимание, веројатно затоа што не е ни почеток, а сѐ уште ни крај на работата. Повеќе е некаде во средина. Пакетот за транспарентност и политичко рекламирање е дел од реализацијата на Европскиот акциски план за демократија, предложен во ноември 2021 година. Главниот предлог е новата Регулатива за транспарентност и таргетирањето во политичкото рекламирање. Покрај тоа, се предлагаат и нови текстови на регулативата за европските политички партии, како и директивите за правата на мобилните гласачи за изборите во Европскиот парламент и општинските избори во државите членки.
Главен мотив кој ја поттикна хармонизацијата на правото во оваа област во ЕУ беше развиената техника со таргетирањето гласачи на Кембриџ Аналитика (користена, меѓу другото, во претседателската кампања на Трамп и при референдумот за БРЕГЗИТ). Накусо, таргетирањето е техника која ја користи спонзорот на реклами за да одреди до кого сака да допре – зависно од содржината на веб-страната што граѓанинот ја посетува или врз неговите/нејзините лични својства. Користењето и обработката на огромен број лични податоци на ваков начин претставува огромен ризик од манипулација на изборните процеси и воопшто на јавниот простор.
Предложената регулатива се однесува на транспарентноста на политичкото рекламирање, вклучувајќи го и таргетирањето. Таа нема намера да ги хармонизира другите суштествени услови и барања на изборниот процес, кои се исклучително во надлежност на државите членки.
Постојните национални правила се силно фрагментирани. Сите членки имаат некакви, но многу различни правила за политичкото рекламирање, па и различни дефиниции. Само 17 членки имаат правила во однос на он-лајн околината, а само 3 од нив имаат и посебни правила за он-лајн политичкото рекламирање. Интервенцијата на ЕУ се објаснува со состојбата на фрагментација на внатрешниот пазар, намалената правната сигурност за давателите на услуги за политичко рекламирање, постојни бариери за слободното движење на сродните услуги и нарушена конкуренција на внатрешниот пазар. Од друга страна, оценката е дека досегашните мерки на само-регулација на ниво на ЕУ не ги даваат потребните резултати.
ЕУ примарно ја третира областа од аспект на слободата на давањето услуги, но и од аспект на заштитата на личните податоци. Секако, импликации има и врз темелните права.
Регулативата предвидува низа обврски за транспарентност на давателите на услуги на рекламирање. Секоја политичка реклама ќе треба да биде јасно идентификувана како таква и да биде означен спонзорот, но и да содржи или да ја направи лесно достапна т.н. објава за транспарентност, која треба да обезбеди разбирање на поширокиот контекст и целта на рекламата. Меѓу другото, објавата ќе треба да има и контакт информации за спонзорот, периодот на рекламирање, како и потрошените средства.
Предложената регулатива ги засега давателите на услуги на рекламирање, како и политичките субјекти – политичките партии, кандидати, фондации, но и оние граѓански организации кои користат реклами. Токму ова последново предизвикува дилеми – од една страна – поради ризикот да се ограничи рекламирањето на граѓанските организации за застапување за легитимни цели на политиката од јавен интерес, но и потребата да се спречи злоупотреба на невладини од страна на политички субјекти.
Предлогот предвидува извршувањето да биде на национално ниво. Некои критичари го поставуваат прашањето на ефикасноста на ваквиот пристап, особено што, иако се предвидува обврска за државите членки да предвидат санкции, не се одредува минимална санкција.
Најголеми критики предлогот претрпува во поглед на таргетирањето. И првобитниот предлог на Комисијата беше оценуван од прилично умерен до неефективен. На пример, мислењето на Европскиот супервизор за заштита на личните податоци е дека постојниот предлог не пружа поголема заштита од веќе постојната со законодавството за заштита на личните податоци, залагајќи се за сеопфатна забрана за микротаргетирањето. Силни се и гласовите во Европскиот парламент за сеопфатна забрана за микротаргетирањето. Дискусијата допрва ќе се вжештува, бидејќи сега Предлогот на регулативата преминува во фазата на преговори меѓу Советот и Европскиот парламент. Усвојувањето е планирано за пролетта следната година.